Од една страна, советникот Виктор Андонов рече дека ,,финансиските средства се обезбедени, ликвидноста на АД ЕСМ е осигурана и струја ќе има за сите во текот на оваа зима”
Од друга страна, тој ги повика граѓаните да вложат максимални напори за штедење на електричната енергија бидејќи доаѓаат постудени денови
Граѓаните да бидат спокојни, финансиските средства се обезбедени, ликвидноста на АД ЕСМ е осигурана и струја ќе има за сите во текот на оваа зима, порача денеска советникот за енергетика на премиерот Димитар Ковачевски – Виктор Андонов.
Тој рече дека состојбата во цела Европа е комплексна и секоја земја ги бара најоптималните решенија.
„Нашите позиции се јасни, работиме на зголемување на домашното производство и ги ставаме во погон сите енергетски капацитети во државата. Владата постојано ја следи состојбата на дневно ниво и ќе носи соодветни мерки за ублажување на последиците. Врвен приоритет е да се обезбедат најповолните услови и граѓаните да бидат заштитени“,
подвлече Андонов.
Андонов информираше дека во првите 15 дена од стартот на грејната сезона Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) ги задоволи 100 отсто потребите за струја на домаќинствата и малите потрошувачи, но и дека продадени се вишоци од 600 мегават-часа.

Од друга страна, Андонов ги повика граѓаните да вложат максимални напори за штедење на електричната енергија бидејќи доаѓаат постудени денови.
На прес-конференција во владата тој рече дека во минатиот месец, покрај добрите временски услови и намалениот конзум, голема улога одиграло штедењето на електрична енергија од граѓаните и институциите. Според него, во наредниот период имаме само еден избор, а тоа е да штедиме и рационално да ја користиме електричната енергија.

„Сега е време кога мора рационално да ги користиме енергенсите и да бидеме солидарни“,
порача Андонов.
На прашањето дали и како ќе се санкционираат фирмите кои се префрлија на регулираниот пазар, Андонов истакна дека трендот на ваквите злоупотреби во текот на изминатата година за прв пат беше нотиран токму од државните институции, односно од страна на Регулаторната комисија за енергетика, и со овој тренд ќе се справуваат институциите преку соодветни мерки со кои би се спречила евентуалната злоупотреба на електричната енергија, за што јавноста најтранспарентно ќе биде информирана.
Бектеши најави минимално поскапување на цената на електричната енергија
Министерот за економија Крешник Бектеши, во петочното издание на емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, најави минимално поскапување на електричната енергија од Нова година. Тој до скоро велеше дека ако се остварат плановите за производство на ЕСМ, зголемување на цената нема да има.
„Ако се исполни планот за производство од страна на ЕСМ до крајот на оваа година, не очекувам да има големо зголемување на цената на електричната енергија од 1 јануари следната година“,
рече тој.

За забелешките од Регулаторната комисија за енергетика дека Владата треба уште еднаш да размисли за одлуката за зголемување на ДДВ-то за струјата за домаќинствата од 5 на 10 % од Нова година, Бектеши рече дека нема потреба да се прават дополнителни анализи, имајќи предвид дека веќе осмислуваат и други мерки со кои ќе им излезат во пресрет на граѓаните, особено на оние што имаат најмногу потреба.
,,Кога сме кај мерките и на кој начин ќе се осмислат, навреме ќе ја информираме Регулаторната комисија за енергетика, пред да ја формира цената за електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи за периодот од 1 јануари до крајот на јуни следната година”,
рече министерот за економија.
Бектеши рече и дека со сувенциите од Владата и грантот од 80 милиони евра од Европската Унија очекува намалување на цената на на регулираниот пазар за малите и микро-компаниите.