На попладневната седница Владата донесе заклучок со кој времено забрани нови вработувања во јавниот сектор, соопштија од прес-службата.
Станува збор за забрана на сите видови на нови вработувања или ангажирања преку агенциите за привремено вработување и склучување нови договори на дело.
Исклучок од оваа забрана е ангажирањето на кадар во здравствениот и во останатите сектори ако е потребно ангажирање во насока на справување со последиците од коронавирусот.
Испразнетите работни места ако е потребно да се пополнат со кадар од другите институции, а веќе почнатите постапки за вработување да се завршат.
„За сите трајно испразнети работни места поради пензионирања и други заминувања по различни основи да нема прием на нови вработувања. Доколку се утврди неопходност за пополнување на некое работно место, истото да се пополни од институции каде што има суфицит, а доколку нема таков кадар по институциите, за ангажирање на лицата да одлучува Владата. Да не се стопираат веќе почнатите постапки за вработувања, за кои има согласност од Министерство за финансии. За издадените согласности за кои не се започнати постапки за вработувања да не се започнуваат“,
соопштија од Владата.
Еден од заклучоците од владината седница е и на вработените во јавниот сектор да не се доделува регрес за годишен одмор во 2020 година, како и да не се реализираат другите права во Општиот колективен договор за јавниот сектор за 2020 година.