Ќе им помогнеме на сите, но секој чинител во општеството мора најригорозно да ги почитува мерките за заштита од ковид-19.
Вака во една реченица може да се сумира пораката од Владата каде прашавме за коментар по најавата на реисот Сулејман Реџепи дека ако не добие помош од државата, ќе ги „суспендира“ забраните за собири и движење во полициски час.
„Владата на Република Северна Македонија секојдневно носи мерки, препораки, заклучоци и уредби се со цел да се спречи ширењето на коронавирусот, да се санираат економските штети и државата побрзо да излезе од оваа кризна состојба. Колективното здравје и здравјето на секој граѓанин е најважно. Оттука Ви посочуваме дека сите чинители во општеството имаат обврска најригорозно да ги почитуваат мерките на институциите, бидејќи за здравјето на сите граѓани се работи, а Владата ќе продолжи да создава и реализира мерки за да помогне на сите заедници и на општеството и граѓаните“,
велат од Владата.
Заканите до власта Реџепи ги испрати при гостување во една телевизиска емисија, велејќи дека ако не му се помогне, ќе ги суспендира мерките и потоа никој нема да може да се справи со епидемијата.
„Јас го побарав нашиот дел, Владата да биде внимателна што прави, имаме повратен одговор во кој се вели дека барањето е прифатено и дека е испратено на разгледување во секторот за финансии на Министерство за економија. Денеска побарав од генералниот секретарот Мирсад Јакупи да контактира со Бујар Османи, кој е член на кризниот штаб и вицепремиер, дали има нешто? Тој вели дека досега нема ништо. Ќе ги потсетам малку поинаку, со писмо, затоа што не дај Боже ние да ги суспендираме одлуките, нема сила што ќе може да се бори против епидемијата, ви гарантирам, тогаш тука ќе стане Бангладеш“,
рече Реџепи во верска емисија на ТВ Глоби, која се пренесуваше и на Фејсбук.
*Поврзани вести:
Реисот Реџепи: Ако Владата не ни даде помош, ќе ги повлечеме забраните и ќе станеме Бангладеш
Сулејман Реџепи може да одговара и кривично ако повика да не се почитуваат мерките
Филипче по изјавата на Реџепи: Верувам дека сите се свесни за сериозноста на ситуацијата