Реисот Сулејман Реџепи може да одговара кривично ако ги прекрши забраните за движење и ги повика верниците да одат во џамиите во екот на епидемијата на ковид-19, откако тој предупреди дека ќе ги суспендира мерките од Владата ако не добие помош.
„Од Обвинителството се следат досегашните изјави и ќе се следи и натамошниот тек на изјавите и однесувањата, па во зависност од констатираните состојби ќе се постапува согласно законот“,
велат од Обвинителството.
Прашавме и во Владата за став за ваквите предупредувања што ги испрати Реџепи, како и за тоа дали ќе и се помогне на ИВЗ, како што бара реисот, но и на другите верски заедници. Но, до моментот на објавување на овој текст не добивме одговор.
Реџепи при гостување во телевизиска емисија им порача на вицепремиерот Бујар Османи и на Владата дека ако не ѝ помогнат на ИВЗ, таа ќе ја повлече забраната за собири и тогаш нема да има сила што ќе може да се бори против епидемијата со коронавирусот, па ќе станеме Бангладеш.
„Јас го побарав нашиот дел, Владата да биде внимателна што прави, имаме повратен одговор во кој се вели дека барањето е прифатено и дека е испратено на разгледување во секторот за финансии на Министерство за економија. Денеска побарав од генералниот секретарот Мирсад Јакупи да контактира со Бујар Османи, кој е член на кризниот штаб и вицепремиер, дали има нешто? Тој вели дека досега нема ништо. Ќе ги потсетам малку поинаку, со писмо, затоа што не дај Боже ние да ги суспендираме одлуките, нема сила што ќе може да се бори против епидемијата, ви гарантирам, тогаш тука ќе стане Бангладеш“,
вели Реџепи во верска емисија на ТВ Глоби, која се пренесуваше и на Фејсбук.
*Поврзана вест: Реисот Реџепи: Ако Владата не ни даде помош, ќе ги повлечеме забраните и ќе станеме Бангладеш