Од СДСМ потсетија дека членот 30 од Законот за употреба на грбот, знамето и химната предвидува санкции за прекршочна одговорност доколку организатор на јавен настан истакне погрешно знаме

Кој ќе сноси одговорност за промашеното знаме и понижувањето на државниот симбол, праша Андреј Жерновски, секретар за меѓународна соработка во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).
Жерновски на денешната прес-конференција посочи дека токму на денот кога во 1992 година се усвоени македонското знаме и химна, Владата направила дебакл со прикажување погрешна верзија на знамето, а реакцијата на властите дека станува збор за „уметничка инсталација“ ја нарече трагикомична.
„За Мицкоски и за Владата државното знаме очигледно не е свет државен симбол, туку е ‘уметничка инсталација’. Кога ќе направат грешка, за нив повторно виновен е СДСМ, виновен е народот. Кога ќе понижат државата и државен симбол, повторно виновни се граѓаните и талогот. Кога немаат резултати, повторно некој друг им е виновен“,
рече Жерновски.
Опозициската партија обвинува дека во видеото објавено по повод прославата се изоставени клучните државни достигнувања, како што се зачленувањето во ОН, НАТО и добивањето кандидатски статус за ЕУ.
„Се прави ревизија на клучните историски факти, што е многу важно да го напоменеме. Зошто се прави оваа ревизија? Затоа што всушност ВМРО го нема во ниту еден од државните успеси коишто ги постигнала Македонија“,
рече Жерновски.
Тој додаде дека токму СДСМ ги има направено сите најважни државнички чекори велејќи дека потврда за тоа е она што е објавено како спот и целиот тој проект.
„Каде денес ќе беше Македонија, каде денес ќе беше нашата држава, ако ВМРО беше цело време на власт? Немаше да имаме држава. Да потсетиме дека токму тие го газеа македонското знаме на Мечкин Камен“,
рече тој.
Од СДСМ потсетија дека членот 30 од Законот за употреба на грбот, знамето и химната предвидува санкции за прекршочна одговорност доколку организатор на јавен настан истакне погрешно знаме.
Партијата побара од Владата да објави која фирма била ангажирана за визуелниот перформанс, колку пари чинела целата прослава и кој ќе сноси одговорност за пропустот.
За промотивното видео за одбележување на 35-годишнината од независноста на државата денеска со реакција излегоа и од Демократската унија за интеграција (ДУИ) кои ја обвинија Владата дека прикажува исклучиво македонска верзија на историјата.
Според партијата, видеото е изработено само на македонски јазик и во него учествуваат исклучиво македонски уметници, додека Албанците практично ги нема во приказната.
И во реакцијата од ДУИ беше наведено дека во видеото не се застапени Охридскиот рамковен договор, зачленувањето на земјата во НАТО, ниту, пак, Првата меѓувладина конференција со Европската Унија и отворањето на процесот на преговори.
