Од МВР информираат дека по целосно документирање на случајот, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави

Три лица се лишени од слобода во врска со пукањето со автоматска пушка кон семејна куќа во тетовското село Селце, кое се случи на 8 август, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Според информациите од МВР, на 10 август во 14:45 часот на патот Тетово – село Селце е уапсен 34-годишниот А. Џ. од истото село, под сомнение за сторено кривично дело предизвикување општа опасност.
Според полицискиот извештај, осомничениот А. Џ. на 8 август околу 4:20 часот се движел со мопед и испукал повеќе куршуми од автоматска пушка кон домот на 48-годишниот Ш. Б., по што побегнал.
Во врска со случајот, на 10 август, во периодот од 20 до 22:55 часот, полицијата со судска наредба извршила претрес во домот на Д. С. (44) во Тетово. Притоа биле пронајдени и одземени 66 патрони ловечка муниција со калибар 12 милиметри, две кациги, две камери за видеонадзор и мемориска картичка.
Поради сомнение за кривични дела помагање и неовластено изработување, држење и тргување со оружје, лишена е од слобода Ф. С. (58) од Тетово. Подоцна, во 23:40 часот, во полициска станица сама се пријавила уште едно осомничено лице, Ф. С. (31) од Тетово.
Сите три приведени лица се задржани во полициска станица. Од МВР информираат дека по целосно документирање на случајот, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.
