„Иако девизните резерви на Народната банка се на високо ниво и претставуваат примарен заштитен механизам, овој пристап значително ја зајакнува отпорноста на македонскиот финансиски систем“, велат од Народната банка

Европската централна банка (ЕЦБ) ѝ одобри пристап на Народната банка до зголемената репо-линија на Евросистемот (ЕУРЕП), која располага со максимален капацитет од 50 милијарди евра. По завршувањето на техничкиот процес на приклучување, домашната централна банка ќе добие траен механизам за брза достапност до девизна ликвидност во евра во случај на потенцијални пазарни шокови.
„Иако девизните резерви на Народната банка се на високо ниво и претставуваат примарен заштитен механизам, овој пристап значително ја зајакнува отпорноста на македонскиот финансиски систем“,
велат од Народната банка.
Оттаму додаваат дека за разлика од досегашната репо-линија од 400 милиони евра, воспоставена за време на пандемијата од ковид-19, зголемената ЕУРЕП претставува траен инструмент на Евросистемот со значително поголем капацитет и поширок опфат, со што, како што велат, дополнително се зајакнува заштитната мрежа за обезбедување ликвидност во евра во услови на евентуални пазарни нарушувања.
Зголемената репо-линија овозможува моментално справување со евентуални пазарни нарушувања и зголемена побарувачка за евра.
Од Народна банка сметаат дека со оваа одлука, ЕЦБ ја потврдува посветеноста за обезбедување ликвидност и поддршка на централните банки надвор од еврозоната.
Со инструментот ЕУРЕП управуваат пет национални централни банки под координација на ЕЦБ. Од Народна банка појаснуваат дека таа обезбедува постојан пристап до ликвидност во евра за централните банки и монетарните власти надвор од еврозоната, а неговата главна цел е поддршка на непреченото функционирање на финансиските пазари и монетарната политика.
