Владата, исто така, привремено го забрани извозот на храна за да ги стабилизира цените на општествено значајните прехранбени производи
Казахстанските власти денеска поставија ограничувања за цената на горивото за шест месеци, откако новогодишното зголемување на цените предизвика протести што се претворија во масовни немири.
Демонстрации има низ централноазиската држава од 19 милиони жители оваа недела во знак на бес поради зголемувањето на цената на течниот нафтен гас (ТНГ), што нашироко се користи за гориво на автомобили во државата.
„Владата презеде итни мерки за стабилизирање на социо-економската ситуација“,
се вели во соопштението на Владата на Казахстан, од каде додаваат дека воведуваат 180-дневен мораториум на поскапувањата на ТНГ, како и на бензинот, дизел горивото и комуналните услуги во низа градови и провинции.
Владата, исто така, привремено го забрани извозот на храна „за да ги стабилизира цените на општествено значајните прехранбени производи“.
Повеќе од илјада луѓе се повредени во демонстрациите во Казахстан во изминатите неколку дена, пренесуваат странските агенции, повикувајќи се на податоци на казахстанското Министерство за здравство.
Како што е наведено, речиси 400 од ранетите се хоспитализирани, а на одделението за интензивна нега има 62 лица.
Руските Воздухопловно-космички сили и транспортната авијација испратија припадници на воздухопловните сили во Казахстан, како дел од мировните сили на Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ), соопшти денеска Секретаријатот на таа организација.