Во судирите има жртви, а казахстанскиот претседател воведе двонеделна вонредна состојба и ја распушти владата. САД ги осудија насилствата и ги повикаа демонстрантите и властите да се воздржат
Повеќе од илјада луѓе се повредени во демонстрациите во Казахстан во изминатите неколку дена, пренесуваат странските агенции, повикувајќи се на податоци на казахстанското Министерство за здравство.
Како што е наведено, речиси 400 од ранетите се хоспитализирани, а на одделението за интензивна нега има 62 лица.
Руските Воздухопловно-космички сили и транспортната авијација испратија припадници на воздухопловните сили во Казахстан, како дел од мировните сили на Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ), соопшти денеска Секретаријатот на таа организација.
„Руските воени единици на Воздухопловните сили се приклучија на колективните мировни сили на ОДКБ“,
се вели во соопштението на Секретаријатот, пренесува руската агенција ТАСС.
Членки на ОДКБ се Русија, Ерменија, Белорусија, Казахстан, Киргистан и Таџикистан, а Србија и Авганистан имаат статус на набљудувач.
Протестите поради високите цени на горивото избија на 2 јануари во регионот Мангистау во Југозападен Казахстан, а два дена подоцна протести го зафатија Алмати, југоисточниот дел на земјата и други градови.
Во судирите има жртви, а казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев воведе двонеделна вонредна состојба низ целата земја и ја распушти владата..
Соединетите Американски Држави го осудија насилството и вандализмот во Казахстан. Стејт департментот ги повика демонстрантите и властите во централноазиската земја да се воздржат.
Нарекувајќи го Казахстан „вреден партнер“, ги повика сите Казахстанци да ги почитуваат институциите, човековите права и медиумските слободи.
Осум полицајци и припадници на националната гарда на Казахстан загинаа во протестите, а демонстрантите, вооружени со пушки и гранати во Алмати, ја демолираа претседателската резиденција. Неколку оклопни транспортери и десетици војници утрово маршираа до главниот плоштад во Алмати, најголемиот град во Казахстан, каде стотици луѓе протестираат против владата веќе три дена.