Најголемиот неуспех на власта, според лидерот на опозицијата, е забележан токму во економијата и животниот стандард. Филипче алармираше дека работниците во земјава имаат најниски плати во Европа и оти сиромаштијата во изминатите две години е зголемена за 22 отсто

Во две години од мандатот на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, дури 90 проценти од предизборните ветувања насочени кон граѓаните остануваат неисполнети. Ова го истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција на која ја презентираше партиската анализа за реализацијата на владината програма „Платформа #1198“.
Според Филипче, по две години владеење, Владата на Мицкоски нема резултати во клучните области, а граѓаните секојдневно ги чувствуваат последиците од неисполнетите ветувања.
„По две години граѓаните не добија ни повисок стандард, ни поквалитетен живот, ниту подобри услови, ниту, пак, пофункционални институции. Не ги добија ветувањата на Мицкоски пред изборите. Едноставно, граѓаните се излажани. Реализирани се само околу 10 проценти од ветувањата“,
изјави Филипче.
Најголемиот неуспех на власта, според лидерот на опозицијата, е забележан токму во економијата и животниот стандард. Филипче алармираше дека работниците во земјава имаат најниски плати во Европа и оти сиромаштијата во изминатите две години е зголемена за 22 отсто.
Актуелната инфлација од 4,8 отсто, рече тој, е речиси двојно поголема од проекциите на ВМРО-ДПМНЕ, додека храната на годишно ниво поскапе за околу 10 отсто.
„Во јуни на едно просечно семејство му се потребни за основната потрошувачка кошничка 70 000 денари и тоа е така димензионирана кошничката, таму се ставени само основните потреби, реалните трошоци не се помали од 90 000 денари“,
рече Филипче.
Филипче направи паралела со мандатот на претходната влада на СДСМ, потсетувајќи дека во 2017 година минималната плата изнесувала 8 000 денари, а на крајот била зголемена на 22 500 денари, додека просечната плата достигнала 40 000 денари.
Во однос на реформите во правосудството и ветувањата за искоренување на корупцијата при јавните набавки, претседателот на СДСМ оцени дека државата се соочува со дебакл и силна партизација на институциите.
„Јавноста е сведок на сериозни скандали поврзани со јавни набавки и тендери. Антикорупцискиот тим откри скандали со тендери над 150 милиони евра. Вистината е дека судството е строго партиски контролирано. Нема никаква борба против криминалот, тендерите и партиските интереси станаа главна преокупација на Владата“,
нагласи тој.
Како најголемо потфрлување на актуелната власт, Филипче го посочи третманот кон младата популација. Иако со платформата беа ветени 70 000 работни места, поддршка за домување и образование, анализата покажува дека за две години не е реализирана ниту една конкретна мерка.
„Поради ваквиот однос на Владата младите ја бараат својата иднина надвор од државата, затоа што не гледаат перспектива дома. Затоа денес секој втор млад човек размислува да напушти земјата. Не затоа што не ја сакаат татковината, туку затоа што не гледаат перспектива на татковината со оваа власт“,
рече Филипче.
