Владата на Република Северна Македонија потврди дека македонскиот и бугарскиот премир, Димитар Ковачевски и Кирил Петков, утре ќе имаат средба во рамки на работниот дел од посета на Италија по повод одбележувањето на 24 мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј.
„Работниот дел од посетата на Италија во текот на 24 мај ја вклучува и средбата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски со претседателот на Советот на министри на Италија, Марио Драги. Како дел од работната посета, на 23 мај премиерот Ковачевски ќе се сретне со премиерот на Бугарија, Кирил Петков“,
стои во соопштението на Владата.
Дека двајцата премиери ќе имаат средба за време на нивното патување во Рим и Ватикан претходно објави и прес-службата на бугарската Владата.
Бугарски „Дневник.бг“ наведува дека ова патување на премиерите ќе го одбележи спорот помеѓу двете држави и бугарското вето за старт на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, како и дека според непотврдени информации, пред извесно време било разговарано Петков и Ковачевски за време на ова патување да објават напредок во разговорите или решение кое би водело кон укинување на ветото.