Од наредната година влегуваме во либерализација на железничкиот транспорт, со што ќе може и железници од други држави да вршат транспорт по нашите железници. Сега тоа е затворен систем, но сметаме дека со влегувањето и на други претпријатија ќе овозможиме повеќе можности за нашите граѓани, нагласува министерот за транспорт и врски
Веќе ги подготвуваме законските измени, и од тој аспект можам да потенцирам дека од наредната година влегуваме во либерализација на железничкиот транспорт, со што ќе може и железници од други држави да вршат транспорт по нашите железници. Сега тоа е затворен систем, но сметаме дека со влегувањето и на други претпријатија ќе овозможиме повеќе можности за нашите граѓани, рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во вечерашното гостување во „Топ тема“ на ТВ Телма.
Министерот Бочварски кажа дека Владата со 200 милиони денари ќе ги помогне „Македонски железници“ за покривање на трошоците за електрична енергија, не само да се заштити претпријатието, туку и за да се заштити економијата затоа што сме транзитна земја и претпријатието мора да се држи во кондиција.
„Железницата е критична инфраструктура, а ‘Македонски железници’ е витално претпријатие за државата, и затоа мораме да го стабилизираме“,
додаде Бочварски.
Тој додаде дека голем дел од енергенсите влегуваат во земјава преку „Македонски желeзници“.
„Товарниот транспорт е преку 90 отсто од работата на компанијата и токму затоа мора да го стабилизираме претпријатието, да ја пребродиме кризата и во мирно време да се одлучува за иднината“,
рече Бочварски.
На прашањето дали ќе се побара одговорност од раководството за претпријатието, Бочварски кажа дека тоа не е решението на проблемот.
„Не значи дека ако се промени директор или раководен орган на одредено претпријатие дека сметките за електрична енергија ќе се намалат утредента. Ако е тоа така, тогаш веднаш ќе се направи. Но, сметам дека електричната енергија е со толкава сума не по вина на еден или друг директор, туку тоа се светски трендови кои ние мора да работиме да ги отстраниме и да ги намалиме притисоците кои настануваат од таквите состојби, пред се во ова големо претпријатие. Верувам дека домаќинското работење е нешто што секој еден директор мора и треба да го применува во едно вакво време“,
додаде министерот.