Министерката Шекеринска рече дека засега нема понови информации од она што е познато во јавноста
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска очекува утре Владата на седница да дискутира за дел од прашањата поврзани за добивање, пристигнување и исполнување на условите во однос на вакцините од механизмот Ковакс.
Одговарајќи на новинарско прашање, таа посочи дека нема понови информации од она што е познато во јавноста.
„Знам уште од претходно дека сите услови што се побаруваа во делот на механизмот Ковакс како држава одамна ги исполнивме. Уште во самиот почеток на овие подетални разговори околу користење на механизмот бевме посочени како држава која ги исполнува условите“,
рече Шекеринска по денешната промоција на новиот софтвер за тестирање на знаењата на англискиот јазик за припадниците на Армијата и вработените во одбраната, согласно НАТО-стандардот – СТАНАГ во Центарот за обука „Д-р Џозеф Крузел“ во скопската касарна „Гоце Делчев“.
Од она што е познато во јавноста досега е дека меѓу 20 и 25 000 вакцини од механизмот Ковакс треба пристигнат во земјава до крајот на овој месец.
Дополнително, на ова се очекуваат околу 20 000 вакцини од дирекниот договор со „Фајзер“, како и дополнителни дози од руската вакцина од кои досега стигнаа само 3 000, а во тек е процедурата за набавка на 200 000 кинески вакцини.