Со вкупен буџет од 3,2 милиони евра, обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош – ИПА 2 на Европската Унија, Владата започнува со реализација на проекти за домување на Ромите со кои се очекува да се подобрат условите за живеење на овие граѓани.
Проектите ќе бидат реализирани во следните три години во Прилеп, Битола, Штип, Берово и Кичево.
Со нив, како што најави Владата, ќе се опфати легализација на дивоизградените домови, ќе се подобри инфраструктурата во ромските населби, ќе се изградат нови живеалишта за Ромите, а исто така проектите вклучуваат и вработување на младите Роми и поддршка на учениците Роми со туторство.
Планирано е да се легализираат куќите на 700 ромски домаќинства во Прилеп, имотите на 5 000 Роми во Битола, 1 027 куќи во Штип и 40 куќи во Берово.
„Проектот опфаќа и изградба на нови живеалишта – 50 куќи во Штип, 30 стана во Кичево, а истовремено ќе има реконструкција на 50 куќи во Прилеп и 15 куќи во Берово“,
истакна министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на денешната прес-конференција во Владата на која имаше воведно обраќање заедно со премиерот Зоран Заев и евроамбасадорот Дејвид Гир.
Како што посочи пратеничката Љатифе Шиковска, повеќе од 50 проценти од семејствата живеат заедно со уште едно семејство во простор од два до пет квадратни метри, а половина немаат услови за лична хигиена и вода во своите домови.
Проектите се реализираат благодарение на иницијативата за интеграција на Ромите 2020, во рамки на која на предлог на Северна Македонија во Полска 2019 година беше усвоена декларација на земјите од Западен Балкан за интеграција на Ромите во процесот за проширување со ЕУ.
„Со оваа декларација нашата земја ги поттикна лидерите од регионот да ја прифатат потребата за заедничка заложба за интегрирање на ромската популација, како едно од најранливите групи во општествата во овој наш регион. Благодарение на оваа декларација и на иницијативата ‘Интеграција на Ромите 2020’ дојдовме до стартот на реализација на проектите што денес ги објавуваме во делот на домување и во делот на постигнување услови за легализирање на неформалните населби каде што живеат Ромите“,
истакна премиерот Зоран Заев.