Исчезнатите лица беа преземени од надлежните служби на Косово, велат од ЦУК

Центарот за управување со кризи соопшти дека координирале акција со косовските служби за безбедно евакуирање на двајца планинари кои одејќи кон врвот Пирибег на Шара биле затекнати од неповолни временски услови и побарале помош.
Станува збор за двајца странски државјани кои се засолниле во планинарски објект во близина на границата со Косово. По добивање на пријавата, велат од ЦУК, утврдиле дека од македонска страна пристапот е единствено пеш, за што поради временските услови би биле потребни шест часа, додека, пак, хеликоптерскиот пристап бил оневозможен поради дождот и маглата. Затоа, велат оттаму, побарале помош од косовската Служба за пребарување и спасување во планина.
„Во 11:45 часот, Дежурниот оперативен центар при ЦУК воспостави директна комуникација со едно од лицата преку телефонски разговор и СМС-порака, при што беше информирано дека екипа од Косово ќе пристигне за нивно безбедно извлекување. Според информацијата добиена во 14:21 часот од косовската служба за пребарување и спасување во планина, нивните екипи биле во постојана комуникација со лицата. Потврдено е дека двајцата странски државјани се во добра здравствена состојба. Во 16:50 часот, Центарот за управување со кризи доби информација дека двете исчезнати лица се пронајдени во добра здравствена состојба“,
соопшти ЦУК.
Изчезнатите планинари биле преземени од косовските надлежни служби.
„Спасувачкиот тим започна и успешно го реализира нивното безбедно спуштање и евакуација кон асфалтниот пат. На асфалтниот пат од косовска страна претходно беа стационирани полициски екипи и екипа на Службата за итна медицинска помош со амбулантно возило, со цел да се обезбедат соодветна медицинска помош и згрижување. Исчезнатите лица беа преземени од надлежните служби на Косово“,
велат од ЦУК.
