Владата го иницираше барањето за одземање на државјанство на Онишченко, по одржаната владина седница на која Агенцијата за национална безбедност информираше за случајот

Согласно членот 14 од Законот за државјанство на Република Северна Македонија ќе се започнат активности за поништување на решението за прием во државјанство на Северна Македонија за лицето Олександр Онишченко. се вели во соопштението од Владата испратено попладнево.
Владата го иницираше барањето за одземање на државјанство на Онишченко, по одржаната владина седница на која Агенцијата за национална безбедност информираше за случајот.
Денеска на затворена владина седница беше најавено дека директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски ќе даде извештај за случајот со давањето на македонско државјанство на контроверзниот Украинец Олександр Онишченко.
Премиерот Димитар Ковачевски вели дека мора да се утврди одговорност за случајот и затоа побрал детален извештај за работата на АНБ.
Тој потсети дека државјанството било издадено врз основа на четири позитивни мислења доставени на седница на Влада од четири различни институции врз основа на кои тоа е доделено.
Во АНБ, според медиумите, суспендирани се двајца службеници за пропуст во проверката на Онишченко. Дополнително во Собранието во тек е истрага за пренесувањето во живо на Јутјуб на затворената комисиска седница на која Димовски зборуваше исто така за случајот „Онишченко“.
Денеска пратеникот во Собранието и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, на прес-конференција обвини дека Агенцијата за национална безбедност (АНБ) наместо државна институција е претворена во партиско приватна институција која е подредена за личните и партиски интереси и побара одговорност и оставки од директорот на Агенцијата, Виктор Димовски и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски за случајот „Онишченко“.
Украинскиот државјанин Онишченко, кој се наоѓа на „црната листа“ на САД поради неговите врски со руските власти, добил македонско државјанство како спортист на предлог на Коњичката федерација. Одлука за доделување македонско државјанство за него донела Владата, по добиено позитивно мислење од сите надлежни институции.