Оваа одлука е донесена на денешната владина седница, а е предлог на Министерството за правда, откако минатата недела министерот Кренар Лога на разговори со Синдикатот на УПОЗ се договорија да се најде заедничко решение, со цел да не се кочи процесот на движење на предметите во судовите и јавните обвинителства
Во следните седум дена ќе биде формирана работна група која ќе работи на изнаоѓање решение во врска со барањата и посочените состојби од страна на судската, јавнообвинителската служба и вработените во органите на државната управа.
Оваа одлука е донесена на денешната владина седница, а е предлог на Министерството за правда, откако минатата недела министерот Кренар Лога на разговори со Синдикатот на УПОЗ се договорија да се најде заедничко решение, со цел да не се кочи процесот на движење на предмети во судовите и јавните обвинителства.
Во работната група, како што информираат од владината прес-служба, ќе бидат вклучени министрите за правда, финансии и за информатичко општество и администрација, заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, како и претставници од Синдикатот на УПОЗ.
„Со денешниот владин заклучок практично е овозможено непречено функционирање на правосудниот систем, во текот на разговорите меѓу работната група и Синдикатот на УПОЗ“,
информираат од Владата.
Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) во четвртокот излегоа на протест во Скопје од каде што побараа покачување на платите за 78 отсто и враќање на додатоците на плата.
Од УПОЗ порачаа дека со исполнување на нивното барање за зголемување на платата за 78 проценти, никој од вработените нема да ја надмине просечната плата, туку само ќе се доближи до неа. Со покачување од 78 отсто, како што рекоа, просечната плата на судската администрација ќе биде околу 24 000 денари.