Министерството за правда ќе достави Информација до Владата, во соработка со Министерството за финансии да се разгледа можноста од отпочнување на процес на преговори со Синдикатот на УПОЗ со цел да се најде заедничко решение и да не се закочи процесот со движење на предмети во судовите и Јавните обвинителства, велат од Правда
Министерството за правда ќе достави Информација до Владата за да се разгледа можноста за отпочнување процес на преговори со Синдикатот на УПОЗ. Ова денеска министерот за правда Кренар Лога им го кажал на претставниците на синдикатот на УПОЗ со кои попладнево имаше средба.
„На средбата се разговараше за актуелните протести, проблемите и барањата со кои се соочуваат судската и јавнообвинителската служба. Министерството за правда ќе достави Информација до Владата, во соработка со Министерството за финансии да се разгледа можноста од отпочнување на процес на преговори со Синдикатот на УПОЗ со цел да се најде заедничко решение и да не се закочи процесот со движење на предмети во судовите и Јавните обвинителства“,
се вели во соопштението испратено од Министерството за правда.
По средбата, и од Синдикатот на УПОЗ рекоа дека на нивно барање било договорено министерот за правда да достави информација до Владата за истата да се усвои и по неа да се разговара како точка на дневен ред на наредната седница на Владата.
„Во соработка со министерот за финансии и вицепремиерот за економски прашања да се формираат одбори за преговарање кои со претставници на Синдикатот на УПОЗ ќе изнајдат решенија за барањата на Синдикатот на УПОЗ за зголемување на платите на вработените во судовите и обвинителствата за 78 отсто и враќање на додатоците на плата“,
велат од Синдикатот на УПОЗ.
Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) денеска излегоа на протест во Скопје од каде побараа покачување на платите за 78 отсто и враќање на додатоците на плата.
Претседателот на Синдикатот на УПОЗ порача дека со исполнување на нивното барање за зголемување на платата за 78 проценти, никој од вработените нема да ја надмине просечната плата, туку само ќе се доближи до неа. Со покачување од 78 отсто, како што рече, просечната плата на судската администрација ќе биде околу 24 000 денари.
Поради штрајкот во обвинителството, како што рече првиот синдикалец на УПОЗ, веќе се работат само итни и неодложни предмети.