Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, порача дека со исполнување на нивното барање за зголемување на платата за 78 проценти, никој од вработените нема да ја надмине просечната плата, туку само ќе се доближи до неа. Со покачување од 78 отсто, како што рече, просечната плата на судската администрација ќе биде околу 24 000 денари
Со барање за покачување на платите за 78 отсто и враќање на додатоците на плата, вработените во судската администрација денеска излегоа на протести во главниот град.
Едниот протест го организира Независниот синдикат на судската администрација, а другиот Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ).
Независниот синдикат на судската администрација маршираше од Кривичниот суд до Министерството за финансии, а протестот на Синдикатот на УПОЗ почна од зградата на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), продолжи пред зградата на Собранието и Министерството за правда, по што учесниците се упатија пред Владата.
Беа упатени барања за достоинствени плати и предупредија дека без нив судството не може да функционира.
„Судската служба повторно е на улица. Пред почетокот на судската ферија само скопските судови излегуваа на двочасовен протест и побараа 78 проценти покачување на плата и враќање на додатоците на плата како што тоа го добија функционерите. Денеска членовите на Синдикатот на УПОЗ и други вработени од сите судови во државата се во Скопје. Луѓето што се тука собрани морале да се борат за секое право што го имаат добиено“,
изјави Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на УПОЗ, на собирот пред ССМ.
Од 2 000 вработени во судовите во земјава, денеска 1 000 се во Скопје, порача Деаноски и кажа дека ова треба да биде доволна порака за надлежните да ги слушнат нивните барања.
Претседателот на Синдикатот на УПОЗ порача дека со исполнување на нивното барање за зголемување на платата за 78 проценти, никој од вработените нема да ја надмине просечната плата, туку само ќе се доближи до неа. Со покачување од 78 отсто, како што рече, просечната плата на судската администрација ќе биде околу 24 000 денари.
„Идната недела и колегите од државното правобранителство најавија штрајк. Колегите од обвинителствата вчера започнаа штрајк. Ако колегите од судовите, односно луѓето што се на овој протест, започнат и тие штрајк, ќе се парализира целото правосудство. Мора да се разбере дека не може да се живее и не е фер еден во судовите да зема огромна плата, а нашите плати во однос на нивните да бидат во размер 1 : 6 до 1 : 7“,
додааде Деаноски.
Поради штрајкот во обвинителството, како што рече првиот синдикалец на УПОЗ, веќе се работат само итни и неодложни предмети.
По почетокот на денешниот протест, од Синдикатот на УПОЗ информираа дека денеска во 14 часот се повикани на средба во Министерството за правда, а по протестот дополнително ќе одлучуваат за идниот начин на дејствување – дали ќе штрајкуваат или ќе излегуваат пред судовите.