Владата на вечерашната седница го допрецизирала членот 5 од Уредбата за Законот за високо образование, со што де факто се става во мирување постапката за избор на ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) која деновиве ја бранува академската јавност.
Допрецизирањето на Уредбата доаѓа по реакциите на Независниот академски синдикат (НАКС), на дел од актуелните проректори на УКИМ, како и на потенцијалните кандидати за иден ректор дека постапката што ја иницираше и ја турка сегашниот ректор Никола Јанкуловски е незаконска и нелегитимна во актуелните правни и здравствени околности.
Членот 5 од Уредбата, кој предвидува дека на органите на универзитетите на кои мандатот им истекува за време на вонредната состојба, постапката за избор ќе ја започнат, односно продолжат во рок од 30 дена од завршување на вонредната состојба, предизвика различни толкувања, односно дека органите на кои им е истечен мандатот не можат да спроведат избори за време на вонредна состојба, а тие на кои не им е истечен – можат.
Со дополнувањето од Владата се превидува сите почнати постапки за избор на раководен орган пред стапување во сила на оваа уредба, да се стават во мирување. Дејствијата кои се преземени претходно се сметаат за важечки, а останатите дејствија ќе продолжат по завршување на вонредната состојба и по престанок на ограничувањата предвидени со закон (на пример, вон изборен период).