Владата го оцени како целосно неприфатлив и недозволив „чинот на палење на возилото кое го користел првиот заменик-претседател на Владата, Артан Груби“, додавајќи дека истражните и судските органи веќе постапуваат во рамките на своите надлежности за што поскоро целосно расчистување на случајот
По вчерашниот инцидент во скопски Чаир, кога беше запалено возило со марка „ауди“, за кое првиот вицепремиер Артан Груби кажа дека е во сопственост на негов пријател, но не демантираше дека приватно го користел и тој самиот, денеска Владата излезе со официјално соопштение во кое го осуди ваквиот чин.
Оттаму го оценија како целосно неприфатлив и недозволив „чинот на палење на возилото кое го користел првиот заменик-претседател на Владата, Артан Груби“.
„Безбедноста е врвен приоритет во едно демократско општество. Чинот на палење на возилото кое го користел вицепремиерот Груби е акт на насилство и е целосно неприфатлив и недозволив во едно демократско општество кое се залага за европски вредности“,
се наведува во владиното соопштение.
По однос на инцидентот, од Владата велат дека истражните и судските органи веќе постапуваат во рамките на своите надлежности за што поскоро целосно расчиствуање на случајот.
Во врска со опожареното „ауди“ во скопски Чаир, за кое во полицискиот билтен беше објавено дека е во сопственост на извесен Б. Л., вчера се огласи првиот вицепремиер Артан Груби.
Откако дел од медиумите го поврзаа опожареното возило со вицепремиерот, Груби не демантираше дека приватно го користел возилото иако тоа се води на име на друго лице. Во реакцијата што ја објави на Фејсбук, Груби вели дека станува збор за негов пријател. Вицепремиерот признава и дека инцидентот е порака до него.
Со оглед на тоа што „аудито“ е во сопственост на извесен Б. Л., а Груби го користел, нејасно е каков аранжман имал Груби со, како што го нарекува, пријателот за користење на автомобилот.
Инцидентот, кој инаку се случил вчера околу 3 часот наутро, го осудија и министрите за надворешни работи и за економија, Бујар Османи и Крешник Бектеши. Во поединечни објави на Фејсбук, двајцата министри од редовите на ДУИ го осудија палењето на возилото и обидот за напад врз првиот вицепремиер Артан Груби.
Осуда дојде и од Алијанса за Албанците. Од партијата го нарекоа „вандалски и хулигански чинот на палењето на автомобилот на вицепремиерот Груби“.
Доцна синоќа реагираше и владејчакиот СДСМ. Оттаму порачаа дека ваквиот акт на насилство е недозволив.