Ваквите закани и вандалски напади, велат од Алијанса за Албанците (АА), претставуваат опасност за целото општество и како такви мора да бидат осудени од сите, без разлика на политичките разлики или несогласувања
Вандалски, хулигански и неподнослив чин. Со овие зборови Алијанса за Албанците (АА) го осуди палењето на, како што се наведува во партиското соопштение, автомобилот на првиот вицепремиер Артан Груби.

Ваквите хулигански дела, велат од партијата, се неподносливи за едно демократско општество.
„Алијансата за Албанците најостро го осудува вандалскиот и неподнослив чин на палење на автомобилот на вицепремиерот Артан Груби. Ги повикуваме органите на прогонот што поскоро да го решат случајот и да ги откријат сторителите“,
велат од партијата.
Ваквите закани и вандалски напади, велат од Алијанса за Албанците, претставуваат опасност за целото општество и како такви мора да бидат осудени од сите, без разлика на политичките разлики или несогласувања.
Со осуда за палењето на возилото, кое дел од медиумите го поврзаа со првиот вицепремиер, претходно денеска се јавија и министрите за надворешни работи и за економија, Бујар Османи и Крешник Бектеши.
Во поединечни објави на Фејсбук двајцата министри од редовите на ДУИ го осудија палењето на возилото и обидот за напад врз првиот вицепремиер Артан Груби.
Откако во полицискиот билтен беше објавена информацијата дека рано утринава околу 3 часот во СВР Скопје било опожарено „ауди“ на улица „Струмичка“ во скопски Чаир, дел од медиумите објавија дека станува збор за возило што приватно го користи првиот вицепремиер и министер за политички систем, Артан Груби.
Но, во полицискиот билтен пишуваше дека возилото е сопственост на извесен Б.Л.
Подоцна во текот на денот, за инцидентот се огласи вицепремиерот Груби.
Во реакцијата која ја објави на Фејсбук, тој не демантира дека приватно го користел „аудиото”, иако се води на име на друго лице. Во објавата Груби вели дека станува збор за негов пријател. Вицепремиерот признава и дека инцидентот е порака до него. Нејасно е каков аранжман има Груби со, како што го нарекува, пријателот за користење на автомобилот.