Информативните интернет-портали не се препознаени како медиуми во македонското законодавство. Ниту, пак, е дефинирано што е интернет-портал и покрај тоа што овие публикации повремено добиваат пари од државата, како, на пример, за политички реклами за време на избори
Владата на денешната седница го донесе предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за медиуми со кој интернет-порталите ќе станат медиуми, информираат од владината прес-служба. Оттаму додаваат дека предлог-законот има за цел да ја зајакне конкурентноста во медиумскиот простор и да ги реши постојните проблеми со интернет-порталите, преку поставување правна рамка која ги препознава како такви, односно јасни правила за нивно основање и регистрација.
„Со оглед на фактот дека резултатите од последните истражувања покажуваат дека над 70 отсто од јавноста се информира на интернет, со што онлајн медиумите стануваат важен чинител во медиумскиот простор, се наметна потребата од нивно воведување во Законот за медиуми, што ќе придонесе и за поинтензивно поттикнување на саморегулацијата како битен сегмент за професионалното новинарско работење и зајакната конкурентност во медиумскиот простор“,
се наведува во соопштението од Владата.
Информативните интернет-портали не се препознаени како медиуми во македонското законодавство. Ниту, пак, е дефинирано што е интернет-портал и покрај тоа што овие публикации повремено добиваат пари од државата, како, на пример, за политички реклами за време на избори.
Владата, преку Министерството за дигитална трансформација подготви нацрт-измени на Законот за медиуми во кои „360 степени“ имаше увид. Со нив, покрај весниците, радијата и телевизиите, како медиум треба да бидат препознаени и порталите, наречени онлајн медиуми – интернет-портали.
Со измените, првпат се пропишува за издавач на медиум да се смета правно или физичко лице кое врши комерцијална или непрофитна дејност на публикување информативни, образовни и информативни содржини преку онлајн медиуми – интернет-портали. Но, има услови.
Повеќе за тоа прочитајте на линкот подолу: