Директорот на ФЗО, пак, е разрешен бидејќи поднел оставка од лични причини
Владата вчера препорачала разрешување на Јани Макрадули од претседател на Управниот одбор и генерален директор на „Пошта на Северна Македонија“ заради подобрување на состојбите во компанијата, одговори денеска владиниот портпарол Душко Арсовски.
„Владата му препорача на Надзорниот одбор да го разреши Јани Макрадули заради подобрување на состојбите во компанијата и јакнење на капацитетите на менаџментот“,
рече Арсовски.
На прашање дали разрешувањето е поврзано со случајот со поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири, кој е осомничен бидејќи без јавна набавка склучил договор за консултантски услуги за изработка на физибилити студија за „Пошта“, Арсовски само го повтори истиот одговор за причините и препораката на Владата Надзорниот одбор да го разреши Макрадули.
Инаку, на местото на Макрадули, пак, Владата предложи Надзорниот одбор да го избере Васко Стефанов, кој досега беше заменик-директор на Агенцијата за вработување.
Покрај за Макрадули, Владата вчера имаше уште неколку кадровски решенија, меѓу кои и разрешување на директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Стево Крстевски.
Тој, како што велат од Владата, е разрешен затоа што самиот поднел оставка од лични причини.
На местото на Крстевски за нова в.д. директорка вчера беше назначена досегашната претседателка на Инспекцискиот совет (ИС), Магдалена Филиповска-Грашкоска.
Нејзината функција во ИС, пак, ја зазема досегашната генерална секретарка на Советот, Даниела Рендевска.