Владата е подготвена за разговор и дообјаснување на некои загрижености кои се појавија во Бугарија во однос на јазикот, меѓутоа остануваат црвените линии дека никој нема право да преговара за идентитетот и за јазикот, рече Арсовски
Контактите и размената на идеи со Бугарија се во постојан тек, бидејќи двете страни се вложени во изнаоѓање решение и за двете земји е важно да продолжи европската инеграција на регионот, порача владиниот портпарол Душко Арсовски, одговарајќи на новинарски прашања за тоа какви документи се разменети со Бугарија.
Арсовски го повтори ставот дека нема нов договор во однос на македонскиот јазик, идентитет и историја.
„Со оптимизам гледаме на можните решенија, кои во истовреме ќе ја обезбедат нашата европска иднина, со целосно почитување на нашиот национален идентитет. Нема нов договор. Владата е подготвена за разговор и дообјаснување на некои загрижености кои се појавија во Бугарија во однос на јазикот, меѓутоа остануваат црвените линии дека никој нема право да преговара за идентитетот и за јазикот“,
порача Арсовски.
Пред два дена, одговарајќи на новинарско прашање дали има волја за средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов и шанса за решение до 8 декември, кога треба да се одржи состанок на Советот на министри на ЕУ, премиерот Заев рече дека двете земји не се далеку од договор.
На прашањето на какви отстапки е согласна нашата земја за да се дојде до решение, Заев рече дека не станува збор за отстапки, туку за решение од двете страни. Тој порача дека му е драго што Бугарија ги признава, како што рече, македонскиот јазик и македонскиот идентитет како наша реалност и дека со тоа ќе се изнајде решение во кое секоја од страните ќе внимава на интересите на другата страна.
Надеж дека до крајот на годинава ќе има добри вести од Софија во врска со спорот изрази и лидерот на ДУИ Али Ахмети, кој рече дека не е време да споделува со јвноста за „понудите или последните документи кои се разменети“ и дека ќе се чека реакција од Бугарија.