Каква понуда за нов договор овие денови дал Заев до Софија и каде тоа го вети во изборната програма пред изборите, дали се нуди нова промена на Уставот, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ по вчерашниот телевизиски настап на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во кој спомена дека двете земји размениле понуди и документи.
„Бидејќи очигледно се водат тајни разговори со Бугарија, без детали за новиот договор кој се нуди, го прашуваме Зоран Заев во кој дел од програмата на СДСМ пред изборите вети нов договор со Бугарија и кога престана неговото тврдење дека претходно постигнатиот договор е најдобар што можел да се постигне, опишувајќи го тоа како огромен успех. Од кого тоа доби дозвола да преговара и да води тајни разговори и дали не се во игра и приватни бизнис-интереси на Заев врзани со една банка, и други два вносни бизниси? Дали Заев нуди промена на Уставот?“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Ахмети вчера изрази надеж дека до крајот на годината ќе има добри вести од Софија во врска со спорот со Северна Македонија и рече дека е прашање на време за надминување на недоразбирањата меѓу двете земји.
„Не мислам дека е време да споделувам со јавноста за понудите или последните документи што се разменети, ќе почекаме да ја видиме реакцијата од Бугарија“,
рече Ахмети.