Одлуката да не дозволи играчи од Русија и Белорусија да се борат за титулата оваа година, може да предизвика АТП да одлучи поените од Вимблдон да не се сметаат во рангирањето
Вимблдон предизвика вистински тектонски шок во „белиот спорт“ со одлуката да не дозволи играчи од Русија и Белорусија да се борат за титулата оваа година.
Иако е вообичаена практика четирите Грен слем турнири, АТП, ВТА и ИТФ да дејствуваат заедно и да настапуваат со заеднички соопштенија (како што беше случајот кога беше одлучено Русите и Белорусите да се натпреваруваат без државни симболи), Вимблдон реши да направи сериозен преседан.
Ова е всушност одлука на британската Влада која беше „спакувана“ преку соопштението на „Ол Ингланд“ клубот, но тоа не ги менува штетните последици по тенисот.
По оваа одлука, на Вимблдон нема да можат да се натпреваруваат Данил Медведев, кој накратко беше најдобар тенисер во светот, и Андреј Рубљев, Аслан Карачев, Анастасија Павличенкова, Арина Сабаленко, Викторија Азаренко, Карен Хачанов …
АТП застана во одбрана на играчите и му сврте грб на најпознатиот турнир во светот, а овој преседан може да направи сериозен хаос во светот на тенисот.
Веднаш реагираше и АТП – Асоцијација на професионални тенисери,, кој соопшти дека нема да толерира вакви работи.
„Сметаме дека денешната еднострана одлука на Вимблдон да ги исклучи играчите од Русија и Белорусија од овогодинешните турнири на трева не е фер и дека има потенцијал да создаде штетен преседан за спортот“,
се вели во соопштението на АТП.
АТП посочи дека ова е сериозно прекршување на правилата.
„Дискриминацијата по националност е и прекршување на нашиот договор со Вимблдон, кој вели дека влезот на играчите се базира исклучиво на АТП ранг-листата. Силно ја осудуваме руската инвазија на Украина и се солидаризираме со милионите невини луѓе погодени од тековната војна. Нашиот спорт е горд што работи на основните принципи на заслуги и правичност, каде играчите се натпреваруваат како поединци за да го заработат своето место на турнирите базирани на АТП“,
се вели во соопштението.
Сега се очекува кој потег ќе го преземе организацијата.
Една од опциите би била речиси подеднакво контроверзна – се споменува дека бодовите на Вимблдон нема да се сметаат за АТП- рангирањето.
Ова е само еден начин да се реши проблемот, а другите можат да бидат уште поригорозни. Сепак, дури и тој би бил доволен за бојкот на Вимблдон.
Првата официјална конференција на Вимблдон пред турнирот е закажана за 26 април, а дотогаш се очекува и реакцијата на АТП. Вимблдон годинава е на програмата од 27 јуни до 10 јули.