Новиот пакет мерки би содржел: ограничување на капацитетот на луѓе во јавниот превоз, целосна забрана за организирање настани и скратување на работното време на економските субјекти, како што се баровите и рестораните, до 23 часот
Од ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија Комисијата за заразни болести дека потфрлила во целост во однос на мерките и дека е политизирана
Комисијата за заразни болести денеска е можно да ги предложи до Владата новите рестриктивни мерки кои во петокот ги најави министерот Венко Филипче, откако во саботата беше регистриран рекорден број од 594 заразени (22 отсто од тестираните) и 428 заразени вчера (околу 25 отсто од тестираните) и дури десет починати.
Новиот пакет мерки би содржел: ограничување на капацитетот на луѓе во јавниот превоз, целосна забрана за организирање настани и скратување на работното време на економските субјекти, како што се баровите и рестораните, до 23 часот.
Овие мерки пред два дена ги најави Филипче и рече можно е да се предложат в понеделник, доколу викендов продолжи трендот на зголемување на бројот на заразени.
„Овој пакет мерки, заедно со претходниот што треба да помине на Собрание следната недела, мислам дека сериозно ќе ја забави трансмисијата на вирусот“,
рече министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференцијата.
Претходниот пакет мерки, сè уште не е на сила бидејќи се потребни измени во Законот за заштита на населението од заразни болести. Тој закон е веќе во собраниска процедура и власта очекува дека преку амандмани измените ќе се донесат во наредните неколку денови.
И овој пакет се состои од три рестрикции: задолжително носење маска на отворено; забрана за групирање во домови односно максималниот број на гости кои ќе може да ги прими едно домаќинство да биде четири и забрани за групирање на повеќе од четири лица на јавен простор по 22 часот.
Од ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија Комисијата за заразни болести дека потфрлила во целост во однос на мерките и дека е политизирана.
„Власта не ги направи потребните подготовки за претстојниот есенски бран на Ковид што следи па уште сега нема место во болниците. А, нема ниту вакцини против сезонски грип. Власта нема никаква стратегија. За здравјето на граѓаните се одлучува со ден за ден политики“,
се вели во писмената реакција од опозициската партија.