Антисемитските протести избувнале во неколку града во оваа руска кавкаска република поради војната на Израел со Хамас, милитантното палестинско движење кое владее со Појасот Газа
Повеќе од 20 лица се повредени, од кои две се во критична состојба, во немири кои избувнале синоќа на аеродромот во градот Махачкала во руската кавкаска република Дагестанс, со претежно муслиманско население, по слетувањето на авион од Израел, јавуваат агенциите.

Стотина луѓе на аеродромот извикувале антисемитски пораки и се обиделе да уапднат во авионот на рускиот превозник „Ред вингс“ (Red Wings), објави „Карент тајм“, медиумски проект на руски јазик кој го води Радио Слободна Европа во соработка со Гласот на Америка.
Поради инцидентот, Израел ја повика Русија да ги заштити неговите државјани, а осуда за антисемитските протести стигна и до Соединетите Американски Држави (САД).
Гувернерот на Дагестан изразил уверување дека одговорните за инцидентот ќе бидат казнети, додека Министерството на оваа руска република соопшти дека во немирите се уапсени 60 лица.
„Идентификувани се повеќе од 150 активни учесници во немирите, од кои 60 се уапсени“,
се вели во соопштението на Министерството објавено рано утрово.
Според информациите на Министерството за здравство на Дагестан, објавени исто така утрово, на 10 од повредените им била неопходна медицинска помош.
Руските воздухопловни власти најавиле дека аеродромот ќе биде затворен до 6 ноември.
Антисемитските протести избувнале во неколку градови во регионот поради војната на Израел со Хамас, милитантното палестинско движење кое владее со Појасот Газа.
In #Dagestan, a crowd stormed the building of Makhachkala airport in search of Jews from a flight from Tel Aviv. pic.twitter.com/TaBvakBKIE
— NEXTA (@nexta_tv) October 29, 2023
Локален канал за вести на Телеграм објавил дека демонстранти се обиделе да го проверат идентитетот на патниците кои пристигнале, за да се спречат Евреи да го напуштат аеродромот.
Дагестанските власти, како што пренесува РСЕ, ги обвинија „непријателите на Русија“ за поттикнување антисемитски чувства откако Центарот за координација на муслиманите од Северен Кавказ ги повика властите да спречат бегалци од Израел да влезат во руската република, објавија медиумот „Кавкаски јазол“.
Конфликтот на Блискиот Исток избувна откако милитантите на Хамас го нападнаа Израел на 7 октомври. Израелските власти соопштија дека во нападот загинале 1 400 луѓе и дека милитантите киднапирале повеќе од 200 луѓе и ги држат како заложници.
Израел потоа започна воена операција против милитантите во која, според здравствените власти под контрола на Хамас, загинаа повеќе од 8 000 луѓе.