Директорот на Центарот за јавно здравје – Скопје, Арбен Зибери, во интервју за „360 Степени“ зборуваше за алгоритмот со кој се утврдува дали некое лице треба да биде тестирано за коронавирусот, и коментарите во јавноста дека е потребна промена по повеќето случаи на лица кои не го поминале алгоритамот кај матичниот лекар, а после се покажале како позитивни на Ковид-19, како случајот со новинарот на Канал 5 телевизија поради кои во изолација се и лидерите на двете најголеми политички партии, Зоран Заев и Христијан Мицкоски.
„Алгоритамот кој го зеле матичните лекари е изработен од експерти, од Комисијата за инфективни болести која секое утро има состаноци и одредува кои се симптомите и кои лица треба да се тестираат порано, кои треба да имаат приоритет за тест бидејќи ако се сеќавате овој е вториот алгоритам во функција. Ние имавме алгоритам на почеток кога имавме отворени граници, сега границите се затворени, се работи за друг алгоритам кој го имаат матичните лекари и според мене, во тој момент кога е поставен тој алгоритам, било укажано дека функционира, но не значи дека нема пропуст. Го делам истото мислење со вас дека можеби треба да се ревидира алгоритамот бидејќи треба да признаеме дека имаме поголем број на лица кои можеби немале врска со лицата кои дошле од поризичните места. На алгоритамот кој е функционален, таму како појдовна точка беше дали имал контакт со некое дијагностицирано лице. Тоа е основното прашање, и ако лицата кои се јавуваат на матичен лекар и кажуваат дека имале контакт со дијагностицирано лице, по автоматизам алгоритамот ги изнесува за тестирање. Но, случајот покажува дека има и исклучоци. Нормално е и не само кај нас, туку нашите информации велат дека не само вашиот колега, туку има и други лица кои не ги исполнуваат критериумите на алгоритам но испаднале позитивни“,
вели Зибери.