Не гледам ниту еден начин, ниту причина за изборите да се одложуваат. Тоа е целта која сакаме да ја постигнеме и не е добро да се одложат изборите, тие треба да се одржат, вели лидерот на владејачката партија СДСМ, Зоран Заев.
Според него, се следат сите препораки за заштита и превенција од коронавирусот, но засега не мисли дека е потребно одложување на парламентарните избори закажани на 12 април.
„Сите државни ресурси се подготвени, екипирани и парламентот е распуштен, веќе е подготвено се она што е претходна постапка и е завршено. Сега можеби корона вирусот ќе не стави во позиција на некој поинаков вид на кампања, секако електронските медиуми се на располагање, интернет-можностите се на располагање, видео-стримови и така натаму, можеме да ги поставиме и верувам дека ќе допреме до граѓаните, важно е граѓаните да знаат за што ќе гласаат, да знаат што ќе бираат и како да изберат“,
вели Заев.
Тој смета дека сега најважно е да се промовираат поединци и пратеници, програми, визии затоа што важно е граѓаните да излезат да гласаат.
„Успешноста на изборите не е исто дали ќе биде со 45 отсто или со 75 отсто. Така што, веруваме дека максимално ќе мотивираме да излезат граѓаните заради тоа што со излезноста на граѓаните и граѓанската должност секако ја исполнуваме“,
додаде Заев.
Тој вели дека ги следат и трендовите од жариштата на коронавирусот, а со оглед на тоа дека во Кина работите се смируваат, се надева на таков тренд и кај нас.
Додава дека на утрешната лидерска средба која ја свика техничкиот премиер Оливер Спасовски, една од темите ќе биде и за моделите на водење на кампањата.
„Веројатно ќе ни укаже на нас лидерите, а да пренесеме и на коалиционите партнери каков вид на кампања е дозволива и што е препорачливо – како да се придржуваме до сите задолженија, како и оние препораки што се од страна на државните институции за да можеме да го исполниме тоа што граѓаните од нас го очекуваат, да ги промовираме нашите програми, нашите кандидати, визии и слично, а притоа да се испочитуваат сите задолженија и препораки од државните институции, тоа е целта“,
вели Заев.