Делегациите на Белград и Приштина не успеаја да дојдат до компромисно решение, а преговорите ќе продолжат во наредните денови
Српскиот претседател Александар Вучиќ по неуспешните разговори меѓу Белград и Приштина од Брисел порача дека ова е тежок ден за Србија и за сите граѓани на таа држава.
Тој во обраќање преку социјалната мрежа Инстаграм рече дека ќе продолжи да се бори за мир и стабилност.
„Тешкиот ден е зад нас, тоа беше тежок ден за сите граѓани и за целата држава, не можам да кажам дека заврши успешно, но се воздржувам од други коментари бидејќи се надевам дека е можно по некое чудо да стигнеме компромисно решение. Затоа ќе продолжам да се борам за мир и стабилност“,
вели Вучиќ, додавајќи дека во следните 48 часа ќе им се обрати на граѓаните.
Високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Жосеп Борел денеска изјави дека делегациите на Белград и Приштина не постигнале договор, но оти е договорено разговорите да продолжат во наредните денови.
Според него, до 1 септември, за кога беше закажана одлуката на Приштина за пререгистрација на возилата и личните документи, има уште време, нагласувајќи дека нема да се откаже од потрагата по решение.
„Не постигнавме договор, но тука не е крајот на приказната. Двајцата лидери се согласија дека процесот треба да продолжи следните денови“,
изјави Борел.
Состанокот почна во 10:30 часот, а домаќин беше Борел со поддршка на специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак.
Неколку дена пред состанокот, Европската комисија објави дека „мора да има и ќе има дискусија“ за сите отворени прашања, нагласувајќи дека „најважно е двете страни да престанат со непријателствата, со запалливи пораки и тензии и да се дејствуваат одговорно“.