Околу 20 часот насобраните кај Автокоманда ги вклучија светлата на телефоните и ги насочија кон небото, со цел да покажат колкав е нивниот број
Во тек е еднодневната блокада на Автокоманда, една од главните раскрсници во Белград, која почна утрово во 10 часот. Патот што води кон Вождовац и Јужниот булевар е исполнет со студенти и граѓани, како и дел од булеварот „Ослободување“, пренесува српски „Н1“.
Според најавите, за време од 24 часа ќе биде затворен патот кај населбата Автокоманда, а единствено се пропуштаат амбулантните возила.
Студентите и насобраните граѓани бараат од властите да им ги исполнат сите барања во врска со уривањето на натстрешница во Нови Сад, при што загинаа 15 лица, а две беа тешко повредени.

Околу 20 часот насобраните кај Автокоманда ги вклучија светлата на телефоните и ги насочија кон небото, со цел да покажат колкав е нивниот број.
На социјалните мрежи се објавени снимки од дрон од оваа глетка.
Svi na ulice! Autokomanda trenutno ❤️ pic.twitter.com/aWRlZ9pzL6
— Kreni-Promeni (@KPromeni) January 27, 2025
Движењето Крени-Промени на својот Инстаграм објави снимка од блокадата на Автокоманда со дрон со порака „Сите на улица!“
Српскиот претседател Александар Вучиќ во денешното јавно обраќање од Палатата „Србија“ во Белград изјави дека ќе побара најитна и најмасовна можна реконструкција на владата на Србија и оти очекува да бидат сменети повеќе од половина од досегашните министри.
Според него, исполнето е првото барање на студентите да се објави целокупната документација за несреќата со Железничката станица во Нови Сад. Рече дека на веб-страницата на Владата се објавени 559 линкови, 13 042 документи, како и дека ќе бидат објавени повеќе материјали.
Додаде дека е подготвен и да потпише одлука за помилување од кривично гонење на уапсените студенти и други приведени за време на протестите.