Нагласи дека однапред знаел оти многумина ќе кажат дека неговиот повик за дијалог е „знак на слабост“, но дека тој заедно со владините претставници инсистирал на дијалог
Српскиот претседател Александар Вучиќ во денешното јавно обраќање од Палатата „Србија“ во Белград изјави дека ќе побара најитна и најмасовна можна реконструкција на владата на Србија и оти очекува да бидат сменети повеќе од половина од досегашните министри.

„Во овие тешки политички времиња стана јасно кој е подготвен да работи и да се бори, а кој не е. Соодветно на тоа, очекувам повеќе од 50 отсто од министрите да бидат сменети во многу, многу итна реконструкција на владата“,
рече тој.
Според него, државата мора да продолжи да функционира.
„Земјата мора да функционира. Нема поважна задача што ја има една влада од организирање на животот на граѓаните и подобрување на животниот стандард. И со тоа мора да се справи“,
кажа српскиот претседател.
Посочи дека не се плаши од политички реперкусии.
„Ми се чини дека волјата на народот е јасна повеќе од кога било. Не разговараме едни со други, едни зборуваат за барања, други дека барањата се исполнети, овие велат дека не се. Ниту еден од нив не сака да ја слушне другата страна. Пред неколку дена побарав од владините претставници да дознаат на што инсистира другата страна“,
рече тој.
Нагласи дека однапред знаел оти многумина ќе кажат дека неговиот повик за дијалог е „знак на слабост“, но дека тој заедно со владините претставници инсистирал на дијалог.
„Треба да ги смириме тензиите и да имаме разговори, јас сум секогаш подготвен да разговараме за секој проблем, како и Владата и Собранието“,
рече тој.
Претседателот рече дека е исполнето првото барање на студентите да се објави целокупната документација за несреќата со Железничката станица во Нови Сад. Рече дека на веб-страницата на Владата се објавени 559 линкови, 13 042 документи, како и дека ќе бидат објавени повеќе материјали.
Додаде дека е подготвен и да потпише одлука за помилување од кривично гонење на уапсените студенти и други приведени за време на простите.