Поплавите, во кои загина најмалку едно лице, го прекинаа железничкиот пристап до најголемото канадско пристаниште во Ванкувер
Во Ванкувер, најголемиот пристаништен град во Канада, поплавени се сите железнички приоди кон пристаништето во градот, додека во одроните источно од пристаништето едно лице загина, а две исчезнаа.
„Целиот железнички сообраќај до и од пристаништето Ванкувер е во прекин поради поплавите во внатрешноста на Британска Колумбија“,
изјави портпаролот на пристаништето Мати Полихронис.
Најмалку едно лице загина во лизгање на земјиштето на автопатот во близина на Пембертон, на околу 160 километри североисточно од Ванкувер.
Спасувачките екипи ја пребаруваат областа во потрага по преживеани и повредени.
Поради поплавите предизвикани од дводневните врнежи, привремено е прекинат транспортот на пченица и маслодајна репка од Канада, еден од најголемите светски извозници на житарки.
Поради поплавите, компанијата „Енбриџ“ од претпазливост затвори дел од гасоводот, а поради невремето затворен е и нафтоводот „Транс маунтин“ кој дневно од Алберта доставува 300 000 барели нафта до пацифичкиот брег.
И од компанијата „Тек рисорсис лимитед“ соопштија дека поради поплавите е нарушена испораката на бакар и јаглен до извозните терминали.
Јужно од Британска Колумбија, во сојузната држава Вашингтон во САД, поради обилните дождови, населението е евакуирано и прекинато е снабдувањето со електрична енергија за 150 000 домаќинства.
Во некои делови на Британска Колумбија во неделата паднаа 20 сантиметри дожд, колку што вообичаено паѓа за еден месец.