На првиот ден по распуштањето на Собранието, најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ објави видео во кое може да се препознаат контурите на кампањата на опозицијата за претстојните предвремени парламентарни избори на 12 март.
Главната улога во спотот ја има потпретседателот на партијата, Владо Мисајловски. Во две и пол минутното видео објавено во „Фејсбук“ групата на кампањата „Обнова на Македонија“, тој прво зборува за неуспесите на актуелната влада, потоа ветува нови патишта, гасоводи и проекти од областа на екологијата, за да го заврши обраќањето со „никогаш северна, само Македонија“.
Ова е првпат, на ваков начин, висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ да го користи слоганот „Никогаш северна, само/секогаш Македонија“. Под тоа мото јавно протестираа неколку групи, како патриотски здруженија, навивачите на Вардар „Комити“ и некои истакнати поединци.
Спотот временски доаѓа по разрешувањето на министерката за труд и социјална политика во техничката влада Рашела Мизрахи.
За разлика од Мизрахи, а сега и Мисајловски, лидерот на партијата Христијан Мицкоски во последните месеци не излегол со ваков дециден став. На пример, пред неколку дена тој изјави:
„Реалноста не ја игнорираме, нова реалност нема да создаваме а ќе се бориме се што е во наша моќ оваа реалност да ја промениме и тоа е наше право“,
изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на 12.2.2019 г.