Новото издание на емисијата „360 степени”, во кое гостува новоизбраниот министер за дигитална трансформација Стефан Андоновски, се емитува вечерва (8 јули 2024 г.) од 20:15 часот на МРТ 1
Беше дополнителен заменик-министер за информатичко општество и администрација во техничката предизборна влада на Талат Џафери, а од пред две недели е министер за дигитална трансформација во политичката влада на Христијан Мицкоски. Стефан Андоновски, кој гостува во новото издание на „360 степени“ на МРТ 1, го прашуваме – може ли човек на 33 години (најмлад член на владата) успешно да се носи со одговорноста што ја подразбира министерска позиција, колку му е близок ресорот „дигитална трансформација“ со оглед на неговиот образовен и професионален бекграунд, дали е логично одвојувањето на дигитална трансформација од администрација и до каде е тој процес со оглед на тоа што изминаа законски предвидените 30 дена за „раздружување“. Од темите во доменот на „дигитална трансформација“ разговараме за ветувањето за 20 нови дигитални услуги во првите сто дена, за перспективите за воведување дигитален идентитет и за плановите за унапредување на сајбер-безбедноста. Од актуелните политички теми, го прашуваме – зошто на владината седница во петокот на помина реформската агенда од Планот за раст и зошто новата влада ја продолжува практиката на именување в.д. директори на јавните институции.
Емисијата се емитува од 20:15 часот на МРТ 1.