Избраните функционери и владини претставници ги засилија своите лични критики против судиите и обвинителите, кои ги обвинуваат и за корупција. Такви и изјаи за прочистување на судството доаѓаа и од највисоките владини претставници, се вели во годишниот тематски извештај на Европската Унија
Ризикот за политизација се отвори и со постапката за разрешување на државниот јавен обвинител, кој на крај си поднесе оставка
Беше ниска, а сега е уште пониска. Така заклучуваат авторите на годишниот Извештај за владеењето на правото во Европската унија и земјите-кандидати, во делот за перцепциите за судската независност во Северна Македонија.
Генерално, пишува во документот, само 21% од општата популација и 19% од компаниите го перципираат нивото на независност на судовите и судиите како доста или многу добро во 2026 година. Претходната 2025 година тие бројки изнесувале 28% кај општата јавност и 26% кај компаниите.

Главните причини наведени од пошироката јавност за перципираниот недостаток на независност на судовите и судиите се перцепцијата за мешање или притисок од Владата и политичарите, како и, наведено и од пошироката јавност и од компаниите, мешањето или притисокот од економски или други специфични интереси.
пишува во Извештајот за владеењето на правото за земјава.
Мешањето и притисокот од другите државни гранки, продолжува текстот во Извештајот, продолжуваат да предизвикуваат сериозна загриженост во врска со почитувањето на судската незавиност.
„Избраните функционери и владините претставници ги засилија своите лични критики против судиите и обвинителите кои ги обвинуваат и за корупција. Беа дадени и изјави од највисоките нивоа на Владата, за планови за прочистување на судството и обвинителството. Овие изјави ризикуваат да ја поткопаат независноста на судството и принципот на поделба на власта.“
Во тој контекст, во извештајот се нотира и постапката за разрешување на доскорешниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски. Владата ја продолжи постапката за негово разрешување и покрај негативното мислење за такво нешто од страна на Советот за јавни обвинители.

„Заинтересираните страни сметаа дека процесот на разрешување претставува негативен преседан, со потенцијално значајни импликации за автономијата на Јавното обвинителство, покренувајќи суштински прашања за владеењето на правото, конзистентноста на институционалните процедури, како и посочувајќи го недостатокот на јасност во врска со фактичката и правната основа за разрешувањето“,
пишува во извештајот.
Независноста на судството и автономијата на обвинителството, пишува во документот, се поткопани и од малкуте пари што се одвојуваат од Буџетот. Тие се пониски од законскиот минимум, а Министерството за финансии и натаму го има главниот збор за одобрување на нови вработувања.
„Владата иницираше законски измени на законите што ги регулираат платите на судиите, јавните обвинители, членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, со цел подобрување на статусот на судиите и јавните обвинители во согласност со европските стандарди. Сепак, во февруари, Собранието ги измени гореспоменатите закони за платите на судиите и на јавните обвинители по скратена постапка, намалувајќи ги коефициентите за пресметување на нивните плати. Здружението на обвинители објави соопштение, сметајќи дека недоволните надоместоци ја доведуваат во прашање независноста на Јавното обвинителство.“
Во Извештајот се нотира дека најголем предизвик за квалитетот на правдата во Македонија е недостатокот од кадар. И во тој дел, состојбата е влошена бидејќи Академијата за судии и јавни обвинители не прими нова генерација на слушатели. Нема доволно пари и за ангажаирање на помошен персонал.
На општо ниво, продолжува да паѓа и ефекасноста. Расте должиината на постапките во речиси сите категории, со исклучок на кривичните постапки.
И во однос на борбата со организираниот криминал, заклучоците во Извештајот имаат силна критичка нота.
„И покрај неодамнешните напори за истражување и гонење на корупцијата, одложувањата во судските постапки, ретките правосилни пресуди и ограничените ресурси продолжуваат да го попречуваат развојот на силно портфолио за случаи на корупција на високо ниво… Во текот на извештајниот период, обвинителството започна неколку истраги против сегашни и поранешни високи функционери, што резултираше со обвиненија и тековни судења. Сепак, несоодветната законска рамка, особено Кривичниот законик од 2023 година, недоволните човечки и финансиски ресурси, заедно со одложувањата во судските постапки, го попречија развојот на солидно портфолио за случаи на борба против корупцијата.“
Ефикасноста на Јавното обвинителство и на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, се вели во извештајот, продолжува да биде под влијание на растечкиот број на предмети во комбинација со недоволен број јавни обвинители, застарена техничка опрема и недоволни финансиски ресурси.
.
.
