Спасувачката акција е во тек откако хотел делумно се урна во Крев, мал град на реката Мозел во винарскиот регион во Западна Германија. Сè уште не е јасно што го предизвикало колапсот
Бројот на жртви се искачи на двајца, а најмалку четири лица се верува дека се затрупани под урнатините откако синоќа делумно се урна хотелска зграда во Крев, град на реката Мозел на околу сто километри западно од Франкфурт, во германската покраина Рајнска Област – Пфалц, објави Дојче веле.
Веста за двајцата загинати ја соопштија спасувачките екипи на прес-конференција одржана денеска наутро велејќи дека се работи за маж и жена.
Претходно, работниците за итна помош рекоа дека успеале да извлечат четири лица од урнатините, меѓу кои и двегодишно дете и неговите родители.
По новите околности, три лица останаа заробени во урнатините и се верува дека се тешко повредени.
„Целата градежна структура е како кула од карти“, изјави локалниот инспектор за контрола на пожари и катастрофи, Јерг Теуш. Тој додаде дека биле користени дупчалки за пробивање на урнатините за да се вметнат микрофони со кои се стапило во контакт со затрупаните луѓе.
Што е познато досега
Локалните жители ја известиле полицијата за инцидентот синоќа околу 22:55 часот. Сликите од местото на настанот покажаа оштетување на задниот дел на хотелот.
Полицијата соопшти дека неколку луѓе успеале сами да излезат од објектот и веднаш им била дадена лекарска помош. Вкупно 14 лица биле во зградата кога се урнал еден кат. Петмина успеале да излезат неповредени. Според полицијата, спасувањето е компилицрано зашто структурата на зградата и понатаму е нестабилна. Околу 250 работници за итна помош се на терен.
Припадниците на противпожарната бригада првично не можеле да влезат во зградата поради ризикот дека може целосно да се сруши.
Луѓето од соседните објекти биле евакуирани со оглед на ризикот од штета што може да биде нанесена од евентуален целосен колапс на хотелот.
И натаму не е разјаснето што го предизвикало уривањето на зградата.
Регионот Мосел е популарна летна туристичка дестинација со своите живописни лозја и замоци.