Спасувачката операција сè уште е во тек на местото на инцидентот во Крев, град на реката Мозел на околу сто километри западно од Франкфурт. Според полицијата, 14 лица биле во зградата кога се урнал еден кат, а петмина успеале да излезат неповредени
Едно лице загина, а за најмалку четири се верува дека се заробени откако синоќа делумно се урна хотелска зграда во германската покраина Рајнска област-Пфалц, соопшти полицијата, пренесе Дојче Веле.
Денеска наутро работниците за итна помош објавија дека успеале во „многу тешката задача“ да извлечат четири лица од урнатините, вклучително и двегодишно дете и неговите родители.
Сликите од местото на настанот покажуваат оштетување на задниот дел на хотелот.
Што знаеме досега?
Спасувачката операција сè уште е во тек на местото на инцидентот во Крев, град на реката Мозел на околу сто километри западно од Франкфурт. Локалните жители ја известиле полицијата за инцидентот синоќа околу 23 часот.
„Неколку луѓе можеа сами да ја напуштат зградата и за нив се грижат службите за итна помош“, соопшти денеска полицијата. Според соопштението, 14 лица биле во зградата кога се урнал еден кат. Петмина успеале да излезат неповредени. Полицијата во соопштението вели дека спасувачката операција е „многу тешка“ бидејќи структурата на зградата и понатаму е нестабилна. Околу 250 работници за итна помош се на терен.
Властите соопштија дека успеале да стапат во контакт со некои од заробените луѓе, од кои неколку се тешко повредени.
Јавниот радиодифузен сервис соопшти дека тимовите на локалната противпожарна бригада првично не биле во можност да влезат во зградата поради ризикот дека објектот може целосно да се сруши.
Околу 30 луѓе во соседните згради биле евакуирани со оглед на ризикот од штета по околината што може да го нанесе целосниот колапс на објектот.
Сè уште не е јасно што го предизвикало уривањето на катот од зградата.
Регионот Мосел е популарна летна туристичка дестинација со своите живописни лозја и замоци.