Поранешниот главен акционер и претседател на Надзорниот одбор на Еуростандард банка, Трифун Костовски кој денеска се појави како сведок на надзорната расправа во Собранието рече оти случајот со Алта банка го актуализира прашањето што шест години си го поставува за пропаѓањето на неговата банка. Тој праша зошто во Еуростандард банка не била воведена административна управа од Народната банка, како што тоа сега е случај со Алта банка АД Битола
„До денес можам најодговорно да тврдам дека Народната банка ниту има доставено известување до нас, ниту има побарано од нас за некакви евентуални проверки за одредени лица коишто биле дел од управниот или надзорниот одбор“, рече директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски
Одговарајќи на прашањата на пратениците Јован Митрески, Тони Јаревски и Дијана Тоска, директорката на Дирекцијата за банкарска регулатива и решавање на банки во Народната банка, Фросина Целеска наведе дека мерките во рамки на администрацијата се насочени кон стабилизација и непречено функционирање додека не се најде друг сопственик и не се промени сопственичката структура, со цел да се избегне одземање на дозволата за работа и стечај
Продолжението на надзорната расправа во собраниската Комисија за финансирање и буџет за случувањата со Алта банка АД Битола повторно ги соочи различните гледишта на пратениците од власта и опозицијата во врска со банката. Во извесна смисла тоа се рефлектираше и во исказите на повиканите сведоци, при што можеа да се слушнат параболи на случајот со Алта банка со стечајот на Еуростандард банка, отсуство на истраги во Финансиската полиција, до образложенијата на Народната банка за воведувањето администрација во битолската банка.

Трифун Костовски: Зошто администрација за Алта банка, а стечај за Еуростандард?
Поранешниот главен акционер и претседател на Надзорниот одбор на Еуростандард банка, Трифун Костовски, во воведното обраќање порача дека не бара пропаѓање на Алта банка и дека поддржува секоја законска мерка за заштита на штедачите, доверителите, вработените и банкарскиот систем. Сепак, тој рече дека случајот со Алта банка го актуализира прашањето што шест години си го поставува за Еуростандард банка.
„Ако администрацијата денес е законски инструмент со кој на Алта банка и се дава време и можност за стабилизација, зашто истиот инструмент не беше применет за Еуростандард банка во 2020 година?“,
рече бизнисменот.
Костовски наведе дека акционерите и вработените ги платиле изречените казни по супервизорскиот извештај од 2019 година, презеле корективни мерки и вложиле околу 13,5 милиони евра свеж капитал шест месеци пред наредбата за стечај, во услови на ковид-криза и ограничувања во работењето. Тој побара од Народната банка да посочи член, критериум, бројка и документ за тоа која законска претпоставка за администрација не била исполнета кај Еуростандард банка, укажувајќи на промените во капиталната адекватност и утврдувањето на активата.
„На 12 август 2020 година во документацијата врз која се темели одлуката на Народната банка се појавува капитална адекватност од околу минус 4%. Само два дена подоцна, според документацијата со која располагаме, стечајната екипа прикажува капитална адекватност близу 7%. Од минус 4 до плус 7% за два дена во банка која веќе не работи? Која бројка е точна? Со која методологија е добиена? И кој независно ја проверил пресметката врз основа на која една банка престанала да постои?“,
кажа Костовски на надзорната расправа.
Во одговор на прашањата на пратениците Миле Талевски и Дафина Стојаноска, Костовски рече дека не го познава ниту сака да го познава сопственикот на Алта банка во Србија, Давор Мацура, и дека немал средба со тогашниот премиер Зоран Заев ниту ја познавал тогашната министерка за финансии Нина Ангеловска, додавајќи дека на денот на стечајот на Еуростандард банка, 12 август, неговиот син имал средба со тогашниот технички премиер Оливер Спасовски. Тој критикуваше што банката отишла во стечај во период без функционални институции и ја поздрави, како што рече, заедничката поддршка на Владата и Народната банка за спас на Алта банка, додавајќи дека шест години ја бара правдата за неговата банка.

„Тоа е процес којшто трае шест години, во која голгота легнувам и станувам со тој проблем како тоа можеше мене да ми се случи. Никојпат не сум имал намера да измамам или да украдам од некого. Меѓутоа, тоа во мојата Македонија ми се случи и ја барам правдата. Дали ќе успеам до крајот – не знам. Меѓутоа, не отстапувам ниту сегмент од она да дојдам до вистината“,
рече Костовски.
Финансиска полиција: Нема отворен предмет ниту пријава за Алта банка
Директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски, изјави дека Управата нема отворено предмет, нема добиено пријава или известување и нема сознанија за евентуално кривично дело поврзано со Алта банка. Тој рече дека досега не добиле барање за проверки ниту известување за незаконитости од Народната банка, ниту пак барање преку меѓународна соработка од српските институции.
„До денес можам најодговорно да тврдам дека Народната банка ниту има доставено известување до нас, ниту има побарано од нас за некакви евентуални проверки за одредени лица коишто биле дел од управниот или надзорниот одбор. Пак ќе нагласам, Управата за финансиска полиција не е ниту регулаторно тело, ниту ревизорско тело коешто треба да го контролира влезот во одредена банка или банкарското работење коешто е уредено со Законот за банки“,
кажа Ивановски.
Одговарајќи на прашањата на пратениците Митко Трајчулески, Ели Панова и Блерим Беџети – за следењето на парите при преземањето на Стопанска банка АД Битола, проверките од 2023 година наваму и евентуални влијанија – Ивановски повтори дека Финансиската полиција постапува по насоки на јавен обвинител или врз основа на законски индиции, појаснувајќи како функционира пријавувањето сомнителни трансакции преку Управата за финансиско разузнавање.

„Доколку Управата има нотификација и аларм од страна на одредена банка дека се работи за сомнителна трансакција, Управата за финансиско разузнавање врши анализа и изготвува извештај и истиот го доставува или до нас или до Јавното обвинителство. Досега немаме доставено таков извештај конкретно за оваа банка за одредени сомнителни трансакции. Но сакам да појаснам и друга работа. Сомнителни трансакции во одредена банка и во банкарското работење не значат незаконско работење на банката, туку значи нешто коешто има потенцијални сторители за кривично дело“,
кажа тој.
Алта банка АД Битола е солвентна и ликвидна, вели директорка во Народната банка
Директорката на Дирекцијата за банкарска регулатива и решавање на банки во Народната банка, Фросина Целеска, истакна дека Алта банка АД Битола е солвентна и ликвидна, со показатели за квалитетот на кредитното портфолио кои не отстапуваат значајно од нивото на банкарскиот систем. Поради тоа, оцени дека банката може да продолжи да работи поради што е воведена администрација.
Одговарајќи на прашањата на пратениците Јован Митрески, Тони Јаревски и Дијана Тоска, Целеска наведе дека мерките во рамки на администрацијата се насочени кон стабилизација и непречено функционирање додека не се најде друг сопственик и не се промени сопственичката структура, со цел да се избегне одземање на дозволата за работа и стечај.
„Состојбата со Алта банка е таква што таа може да продолжи да работи, а во рамки на администрацијата преземени се контролирани и добро дизајнирани мерки чија цел е Банката да може непречено да работи се додека не се најде друг сопственик, односно се додека не се замени сопственичката структура, и се со цел да се избегне најстрогата мерка, односно укинување на дозволата за работа и создавање услови за отворање стечајна постапка. Пристапот на НБМ во овој случај е прилично јасен, обезбеди контрола и стабилизирање на состојбите, да се согледаат ефектите од преземените мерки и кога условите ќе дозволат, тогаш ќе има пошироко користење на банкарските услуги. Како што може да се види, денеска има ослободување, односно намалување на ограничувањата и правните лица ќе може непречено да ги користат новите приливи на своите сметки“,
кажа директорката во Народната банка.

Целеска нагласи дека почитувањето на законите е основно начело на НБРСМ, потсетувајќи на одлуката на Европската комисија од 2021 година за еквивалентност на банкарската регулатива и супервизија на Народната со практиките во ЕУ и потпишаните меморандуми за соработка.
„Ако Народната банка нема доволен капацитет, професионалност и стручност, тогаш се претходно кажано немаше да се случи и тоа е во функција на почитувањето на законските одредби од страна на Народната банка“,
кажа таа.
Инаку, прва на денешното продолжение на надзорната расправа на столчето за сведоци седна претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова. Таа кажа, дека државата нема законски надлежности во постапките за издавање или одземање банкарски дозволи, давање согласности, спроведување супервизија или воведување администрација во банка, нагласувајќи дека сите тие одлуки се во надлежност на Народната банка.
Во однос на нејзиниот предлог Трајко Славески да биде избран за гувернер, Сиљановска Давкова рече дека одлуката ја донела самостојно, врз основа на неговите професионални и академски квалификации.
Посочи дека пред да го достави предлогот разговарала со повеќе експерти од областа на економијата и банкарството, поранешни гувернери, професори и претставници од академската јавност.
