Одговрајќи на новинарско прашање тој рече дека не мисли оти Подгорица и Тирана се понапред од нас во евоинтегративниот процес, наведувајќи дека и Македонија е фронтранер кога станува збор за Реформската агенда
Мицкоски рече дека нема да го коментира ставот на генералниот директор за проширување и источно соседство во Европската комисија, Герт Јан Копман за „Балканс дебриф“ дека блокадата на Македонија на патот кон ЕУ не е во Советот на Унијата, туку во самата земја
Премиерот Христијан Мицкоски не се согласува со оценката дека Црна Гора и Албанија се понапред во евроинтегративниот процес во однос на Северна Македонија, опишувајќи го нивниот моментален пат кон ЕУ како „автобус што се клати“.

Наспроти тоа, тој тврди дека земјава испорачува реформи и е меѓу „фронт-ранерите“ во Реформската агенда, додека билатералните прашања ги оцени како последица од претходната влада кои не треба да се третираат како пречка за полноправно членство во Унијата.
Имено, одговрајќи на новинарско прашање во врска со евроинтегративниот пат на земјава, во кое новинарката даде забелешка дека според пораките што доаѓаат од Брисел, Црна Гора и Алабнија се понапред од Македонија, Мицкоски рече:
„Па не би се сложил дека одат. Мислам дека не е баш така… Мислам дека ќе се вратам на онаа моја изјава за автобусот што се клати, така во моментот личи нивниот пат во ЕУ, и на Црна Гора и на Албанија. А ние испорачуваме реформи и ние сме навистина фронт-ранери кога станува збор за Реформската агенда“,
изјави премиерот кој денеска беше во посета на Основното училиште „Ацо Шопов“ во Општина Бутел, каде присуствуваше на нов објект.
Инаку, прашањето беше поставено и во контекст на ставовите на генералниот директор за проширување и источно соседство во Европската комисија, Герт Јан Копман за „Балканс дебриф“ на Атлантскиот совет со новинарката Илва Таре.
Мицкоски рече дека нема да го коментира неговиот став дека блокадата на Македонија на патот кон ЕУ не е во Советот на Унијата, туку во самата земја. Нарекувајќи го пријател на земјава со значаен придонес во Реформската агенда, премиерот најави дека наскоро ќе има работна видеосредба со Копман пред декемврискиот или јануарскиот извештај.
„Денеска претпоставувам ќе се видиме (со Герт Јан Копман н.з) во Брисел. Така што ние сме фокусирани на она коешто подразбира напредување врз основа на испорака на реформи. А билатералните прашања за жал се реалност којашто ја донесе претходната влада, но ние одбиваме да разговараме за билатерални прашања како пречка во нашиот пат кон полно зачленување на Европската Унија. Ние сме подготвени заедно со Европската Унија, заедно со тие коишто имаат билатерални нерасчистени односи со нас, ако е потребно во рамките на овој процес да седнеме било каде, било кога и на било која тема. За жал, како што гледаме од другата страна нема интерес, така што ние ќе си продолжиме да го испорачуваме она коешто е наша домашна задача“,
изјави премиерот Мицкоски.
За потестување, во интервјуто генералниот директор за проширување и источно соседство во Европската комисија, Герт Јан Копман Копман директно одговори каде е застојот за отворање на првиот кластер во преговорите со Северна Македонија:
„Блокадата не е во Советот на ЕУ. Блокадата е во земјата“,
изјави тој.
Прашана од Таре да појасни дали мисли на бугарското вето, тој одговори дека не станува збор само за бугарско прашање, туку за став на ЕУ вграден во заклучоците на Советот.
Според Копман, иако земјава има напредок во подготовката на патокази и акциски план за малцинствата, без уставните измени процесот нема да оди напред, што зависи од самата земја и претставува политички избор на суверена држава.
Копман оцени дека Северна Македонија годинава покажала капацитет за реформи со спроведување тешки чекори во рамките на Планот за раст, но преговорите стојат бидејќи земјата сè уште не го направила она што знае дека треба да го направи – потврдувајќи дека „топката е кај Скопје“.

Осврнувајќи се на можноста во пакетот за проширување за 2027 година и Србија и Северна Македонија да добијат индикативни патокази – какви што годинава добија Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина – Копман рече дека по годинешниот изостанок на напредок во преговорите, следната година би можела да биде поинаква доколку има поместувања.
Инаку, премиерот Мицкоски попладнево заминува за Брисел, каде што во 18 часот е предвидена средба со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и високата претставничка за надворешна и безбедносна политика Каја Калас, во рамките на Самитот ЕУ – Западен Балкан.
Тој најави дека од разговорите очекува потврда оти Западен Балкан е дел од Европа и дека интеграцијата наскоро ќе стане реалност. Поради утрешните пратенички прашања, планирано е враќање во земјава во текот на ноќта околу 22:15 или 22:30 часот, а потоа, како што кажа, го очекува набиена агедна и поради вечерната средба во Охрид во рамките на процесот Брдо-Бриони.
