Денеска од 16 часот стапи на сила забраната за движење на целото население, согласно владината одлука за поголеми рестрикции во движењето за време на викендите. Улиците се испразуваат, а полицијата е распоредена на вкупно 156 пунктови низ целата држава. Забрана за движење за целото население ќе трае до 05:00 часот изутрина.
„360 степени“ ги регистрираше полициските екипи на булеварот „Гоце Делчев“ во Скопје, кои на самиот почеток на полицискиот час, со сирени ги предупредуваат последните возачи со автомобили затекнати на улица да се упатат дома.
Со дозвола, за време на полициски час може да се движат работниците но, исклучиво од дома до работното место и назад. Изземени од забраната се и земјоделците кои имаат неодложни сезонски активности.
Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска соопшти дека Владата бара решение за луѓето кои живеат во станбени објекти со миленици, да може да излегуваат околу зградите, со цел извршување на нужните потреби.