Украинскиот претседател Володимир Зеленски, како и украинската војска, денеска објавија видео на социјалните мрежи за кое тврдат дека го покажува подигнувањето на знамето во селото Чкаловски во регионот Харков.
„Уште една населба ослободена! Благодарение на 14-тата одделна механичка бригада именувана по принцот Роман Велики, украинското знаме се врати во селото Чкаловске, Харковска област. И секаде ќе биде вака. Ќе ги истераме напаѓачите од секој украински град и село“,
напиша Зеленски на Фејсбук.
Украинските сили денеска стигнале и на околу 48 километри од северната граница со Русија, а напредувањето во регионот на Харков продолжува и на југ и кон исток. Ова го потврди врховниот командант на украинската армија, генерал Валериј Жалузни.
Жалузни на својот канал на Телеграм напиша дека украинските сили ослободиле повеќе од 3 000 квадратни километри територија за 10 дена и додаде дека Украина продолжува да ги ослободува териториите окупирани од Русите.
Информациите не можат независно да се потврдат, но Русија вчера призна дека нејзините сили го напуштиле Изјум, клучното воено упориште во регионот Харков.