Покажавме дека сме способни да ја победиме руската армија. Ова го правиме со оружјето што ни е дадено. И затоа повторувам, колку повеќе оружје добиеме, толку побрзо ќе победиме и толку побрзо ќе заврши оваа војна, порача шефот на украинската дипломатија
Успехот на Украина во борбата против Русија покажува дека можеме да ги победиме, но на Киев му треба повеќе оружје од своите партнери, изјави во саботата украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.
Москва го напушти своето главно упориште во североисточна Украина во саботата, откако украинските сили го забрзаа напредувањето.
„Покажавме дека сме способни да ја победиме руската армија. Ова го правиме со оружјето што ни е дадено. И затоа повторувам, колку повеќе оружје добиеме, толку побрзо ќе победиме и толку побрзо ќе заврши оваа војна“,
рече Кулеба
Иако Германија испрати самодвижечки топови во Украина, Киев сака и борбени тенкови Леопард, борбени возила Мардер и противвоздушни тенкови Гепард.
Овој месец, во контраофанзива, украинската армија врати под своја контрола околу 2.000 квадратни километри територија во областите претходно окупирани од Русија, рече претседателот Володимир Зеленски. Во видео обраќањето во саботата вечерта, Зеленски им се заблагодари на сите војници што учествуваа во ослободувањето на територијата во регионот Харков на истокот на Украина.
Претходно во саботата Русија најави повлекување на своите сили од регионот. Зеленски бегството на руската армија го нарече добра одлука. „Нема и нема да има место за окупаторите во Украина“, рече тој.