Украинските успеси источно од Харков се поврзани и со пристигнувањето на фронтот на современите западни ракетни системи, кои украинската армија ги користеше за да предизвика неред во руските редови во претходните недели и месеци
Повеќе западни, украински и руски извори ја опишуваат украинската контраофанзива на североистокот како серија на упади на мали, брзи диверзантски групи длабоко во територијата под контрола на непријателот. Таму со прецизни удари создаваат паника и хаос во руските редови. Се чека официјална потврда дека на исток, во близина на границата со Русија, ги освоиле железничката клучка Купјанск и градот Изум, од каде наводно руската армија се повлекла на растојание од десетина километри.
„Ние сме 25. пешадиска бригада и третиот полк на специјалните единици и веќе сме во Изум. Се ќе биде Украина, нашето знаме веќе се вее. Ќе ги гониме тие злосторници до Москва – нагласувам“,
вели припадник на украинските сили.
Украинските успеси источно од Харков се поврзани и со пристигнувањето на фронтот на современите западни ракетни системи, кои украинската армија ги користеше за да предизвика неред во руските редови во претходните недели и месеци.
Украинскиот воен аналитичар Олег Жданов, сепак, предупредува дека украинската армија се наоѓа во тешка состојба во останатите делови од регионот Донбас кои се уште ги држи, а кои, како што се тврди, се под постојани артилериски напади и руски обиди за пробив. Официјален Киев посочува дека за да се поразат окупаторите од Русија, Западот треба да продолжи да испраќа модерно оружје.
Министерката за надворешни работи на Германија во Киев вети нова пратка вредна над половина милијарда евра.
„Минатата недела го испорачавме современиот противартилериски радар КОБРА. Заедно со него и противвоздушниот топ Гепард. Наскоро ќе го додадеме модерниот противвоздушен систем ИРИС-Т и два кои се уште се во производство. Ќе испорачаме и опрема за изградба на мостови и презимување“,
изјави во Киев шефицта на германската дипломатија Аналена Бербок.
Но, Германија, која многупати беше јавно посочувана од украинските власти пораи одолговлекување на испраќањето воена помош, упорно ги одбива конкретни украински барања за испорака на нејзините модерни тенкови Леопард.
„Не можев да не ја спомнам неодамнешната иницијатива во Германија, таканаречениот ‘план леопард’, чија цел е испраќање тенкови од овој тип од Германија. Не гледаме никакви пречки да се направи тоа“,
изјави Дмитро Кулеба, министер за надворешни работи на Украина.
Украинската операција се одвива во строг медиумски молк, кој се оправдува со безбедносни причини. Се уште нема податоци за загинати и ранети од двете страни – само назнаки на бројни аналитичари дека жртвите се многубројни. Украинскиот претседател Володимир Зеленски сака да го намали потенцијалот на Русија за војна што е можно повеќе пред зимата, бара најстроги можни санкции против руските банки, компании и функционери, заедно со конфискација на имотот.
„Потребни се максимални ограничувања за визите за граѓаните на Руската Федерација за да се поттикнат на видливо антивоено движење. Неопходна е и блокада на руската пропаганда и депортација на сите пропагандисти од демократските земји за Русија да нема ни најмала можност да сее политички и социјален хаос“,
изјави претседателот на Украина Володимир Зеленски.
Ограничувања за издавање визи во наредните денови треба да воведат Литванија, Летонија, Полска и Естонија, постсоветските држави преку кои повеќето руски граѓани влегуваат во Европската Унија. Но, меѓу нив има и прогонети новинари, антивоени активисти и други неистомисленици. Наводно, овие ограничувања нема да важат за нив.