Премиерот и лидер на СДСМ рече дека на средбите во САД, и Блинкен и Ескобар недвосмислено потврдиле дека евроинтеграциите на земјава се неповратен процес и токму затоа и изразиле загриженост врзана со блокадата на опозицијата
Продолжувањето на процесот за членство во ЕУ, за што се потребни уставни измени, била една од главните теми за кои вечерва зборувал премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски на седницата на Централниот одбор на партијата.
Дел од говорот, тој посвети на ВМРО-ДПМНЕ порачувајќи дека можеби партијата ќе собере капацитет и како целина ќе се приклучи кон проевропскиот блок. Но, вели тој, во опозицијата има поединци кои сакаат да продолжи патот кон ЕУ и на нив треба да им се даде шанса.
„Јасно е дека во ВМРО-ДПМНЕ има поединци, можеби и пратеници, претставници на раководството кои не мислат исто како нивното лидерство, кои искрено и од срце сакаат земјава да го продолжи патот кон ЕУ и можеби сакаат да бидат дел од проевропскиот блок. И на тие поединци мислам дека треба да им се даде шанса да се приклучат на возот кој оди за Брисел“,
рече Ковачевски.
Тој зборуваше за неговата посета на САД во којшто контекст повторно ја спомена опозицијата велејќи дека за нејзините блокади загриженост изразиле државниот секретар Ентони Блинкен и заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
„Нашите стратешки партнери САД препознаваат колку е важно во национален, регионален, но и во глобален контекст Северна Македонија да продолжи со евроинтеграциите кои се веќе започнати. На средбите и Блинкен и Ескобар недвосмислено потврдија дека евроинтеграциите на земјава се неповратен процес. Токму затоа и изразија загриженост врзана со блокадата на опозицијата. Доколку ние не продолжиме по европскиот пат, доколку не ги направиме следните чекори, евроинтеграцијата ќе запре и ние повторно ќе се најдеме во состојба на стагнација како онаа што ја имавме цели 10 години до 2016. Тоа е многу опасно за нашата земја, за нејзината иднина“,
рече Ковачевски.
Во контекст на европскиот пат на земјава и обезбедување мнозинство за уставни измени, лидерот на СДСМ вечерва од Централниот одбор на партијата доби задолжение да ги спроведе сите неопходни разговори и чекори за Северна Македонија да го продолжи европскиот пат.
Детали за заклучоците од ЦО на СДСМ, може да прочитате на линкот во продолжение.