Итрината на загадувачите во случајот е што не е до крај јасно која општина има ингеренции да следи, казнува и чисти на спорната локација. И двете локални самоуправи најавуваат поставување камери, но од Јегуновце бараат нив да ги управува МВР
Постојаното „отворање“ на нови диви депонии се случува во период на засилени иницијативи до граѓаните за екологијата, но и до општините – да воведат и одржуваат системи за собирање и/или депонирање на отпад
Македонија е земја со мноштво убави места. Пределот под Шар Планина, сепак, отскокнува и со пејзажите и со развиените села.
Но колку и да дарувала природата, и тука човекот нашол начин да ја извалка. Меѓу шумите, зелените полјани и течението на Вардар локалното население „засадило“ депонија.


Тоа што ја прави оваа депонија различна од стотиците слични низ земјава е итрината на загадувачите. Ѓубрето се фрла точно по границата меѓу две општини – Желино и Јегуновце.

Таа граница не е важна од географски, туку од административен аспект. Кој е надлежен да казнува и надгледува? Кој е надлежен да чисти?
Ги побаравме двајцата градоначалници – Блерим Сејдиу од Желино и Димитар Костадиновски од Јегуновце. Сејдиу одлучи да не зборува лично, туку го задолжи Шасивар Мемети, инспектор за заштита на животната средина во Општина Желино.
Тој дојде подготвен да зборува за депонија покрај патот, но кажа дека првпат ја гледа депонијата затскриена зад дрвјата.

„Не можам да зборувам за прашања за депонии за кои немам знаење, и не можам да зборувам за депонии за кои не знам дали гравитираат или се дел од Општина Желино или не“,
рече Мемети.
Па, Мемети се осврна на депониите покрај патот. Вели дека ги чистат секоја година, но и оти секоја година несовесни граѓани повторно фрлаат ѓубре.

„Инспекторатот на Општина Желино, во редовна соработка со градоначалникот, секоја година врши елиминација и ги отстранува овие депонии. Можеби Општина Желино е една од општините што нема легални депонии, но има периодични депонии кои се создаваат во меѓувреме. Особено од различни групи граѓани. Не можеме да кажеме дека ова се граѓани на општина Желино, бидејќи на локацијата на која сме циркулираат и жители на други општини“,
додава Мемети.
За да се спасат од депониите покрај патот на оваа делница Мемети вели дека општината развива план. Идејата, во моментов, е граѓаните што незаконски фрлаат ѓубре да ги ловат со камери.
„Ние го чистиме, ова се полни. Го отстрануваме ѓубрето и повторно се полни. Значи, или треба да го зголемиме бројот на вработени, или треба да бидеме во фаза на подготовка за да надгледуваме со камери, бидејќи и тоа е трошок. На клучните точки, на пример, кај тополиве, да поставиме камери. Моментално работиме, значи, во насока на оваа категорија или овој вид проект. Значи, планираме некаде на клучни места, бидејќи површината на Општина Желино е голема. Во неколку населени места работиме во насока на ставање знаци или ставање камери“,
изјави Мемети.
За разлика од неговиот колега од Желино, градоначалникот на Јегуновце реши да дојде лично. И, за разлика од службите во Желино, знаеше и за депонијата која се создава крај Вардар.

Бара меѓуресорска соработка за проблемот бидејќи ѓубрето веќе го сменило текот на реката.

„Општина Јегуновце во неколку наврати наназад претходните години имаше проблем со поплавите. Проблемот се реши среќа или благодарение на проектот со УНДП чиста и регулација на река Вардар, на ова место каде што се фрла комунален и градежен шут, се стеснува коритото, се изместува и тоа може, како што и старите велат, еднаш се случува во годините може да ни се случи, не дај Боже, Поројска Река, не дај боже Шипковица, не дај боже Вардар пред неколку години што се случуваше. За да не дојде после да има фатални последици, да има последици со жртви, апелирам посебно внимание да се даде на оваа локација и ова место за периодот што следи да се изнајде решение и да стане минато“,
рече Костадиновски.
Градоначалникот вели дека веќе презеле формални мерки.

„Имаме пријавено институционално преку комуналниот инспектор до МВР. Лоцирани се и со доказ најдени сторителите. Постапката, ние како локална самоуправа, сè уште немаме информација до каде е и што е. Беше и јавен обвинител повикан, согласно закон и надлежноста, ние досега немаме одговор. Ќе почекаме уште некој период и ќе побараме официјално информација од МВР, до каде е постапката за таквите случаи и девијантни појави“,
изјави Костадиновски.
Многу нешта за оваа депонија покажува и самиот отпад. Меѓу другото, имаше значителна количина асфалт. Според градоначалникот на Јегуновце, тој асфалт може да потекнува само од изведувач на градежни работи на пат.

„Овој дел од асфалт што го гледате претпоставувам дека е донесен од некој изведувач кој извршува работи на јавен објавен тендер на некоја од општините и овде нашол место и локација каде што, кажано народски, ‘нема сајбија’ да го злоупотребува тој градежен шут. За жал, во европските земји овој градежен шут се преработува и тој станува употреблив за во иднина и затоа ние треба да се стремиме кон Европа, и треба да се насочиме кон овој дел“,
додаде Костадиновски.
И Костадиновски посакува камери за да ги лови сторителите. Но, тој апелира нив да ги стави МВР, на исклучувањето на автопатот Скопје – Тетово кон Желино и Јегуновце. Со тоа, вели Костадиновски, ќе има веродостојни докази и ќе се знаат сторителите.

Според Државниот завод за статистика, годишно Македонија произведува околу 756 илјади тони комунален отпад. Од него, организирано се собираат околу 640 илјади. Останатите 116 илјади тони завршуваат на диви депонии – што поради негрижа од населението, што поради непостоење систем за собирање или депонирање на отпадот.
Градењето свест кај граѓаните и градењето капацитети кај општините, се главните цели поради кои во 2021 година почна иницијативата „Генералка викенд“. Луѓето кои ја почнаа, Гордана Софија и Ханес Јекел, неуморно ги канат и сите општини и сите граѓани.

„Шеста ‘Генералка викенд’ по ред беше одржана оваа година. Искрени да бидеме, самиот број волонтери секоја година се зголемуваше не двојно, туку многукратно, што зборува дека граѓаните сакаат да живеат во чиста земја, дека тоа им значи, дека преземаат одговорност“,
вели Софија.

„Гледаме дека оваа година, иако во моментов сè уште ја немаме точната бројка, се чини дека „Генералка викенд“ е најголемата акција за чистење по земјотресот во 1963 година“,
рече Јекел.
Расте бројот на волонтери, расте бројот и на вклучени општини. Но, вели Софија, факт е дека сè уште има општини кои ем не нудат организирано собирање или депонирање на отпад, а и не покажуваат многу повеќе од декларативен интерес.
„Факт е дека сѐ повеќе граѓани се вклучуваат во акцијата и сѐ повеќе институции нѐ контактираат. Исто, забележавме дека пред шест години, еве на локалните избори, темата екологија, животна средина беше можеби на 10. или 15. место по приоритет, додека на минатите локални избори тоа беше тема број еден“,
додава Софија.
Дека животната средина им е важна тврдат локалните власти и во Општина Желино и во Општина Јегуновце. Но, за да го решат заедничкиот проблем, ќе треба секој да го заврши својот дел од работата.

Прво, да помогнат да се фатат оние што загадуваат. А, истовремено, да понудат јасни алтернативи – каде и како може легално да се депонира отпадот.
