Според Ангелов, се работи за голем пожар на кој во текот на денот се интервенирало со полицискиот хеликоптер, се местел базен во непосредна близина, а се гаснело и со „ертрактори“

Одбраната на село Крушевица беше многу тешка, пожарот на едно место го гаснеме, тој на друго место се пали, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов. Тој додаде дека попладнево огнот се префрлил преку асфалтираниот пат каде што веќе имало концентрирана одбрана поради силниот ветер и успеале да го заштитат селото.
Во справувањето со пожарот имало неколку локални жители, пожарникари од Прилеп, припадниците на тимовите на дирекцијата за заштита и спасување, тимовите за брз одговор составени од доброволни пожарникари, а помош пристигнала и од пожарникари од Кавадарци.
„Воспоставена е контрола врз овој крак којшто ноќва не верувам дека ќе го загрози селото. За секој случај побаравме дополнителна помош“,
вели Ангелов.
Ангелов напомена дека помош ќе имаат од екипи од Неготино и од скопската противпожарна бригада кои ќе го обезбедат селото. Додаде и дека по првпат ова лето превентивно ќе се ангажираат војници чијашто задача ќе биде доколку огнот се приближи до селото да му помогнат на локалното население.
„Карактеристично за овој мариовски пожар е тоа што сега веќе упатен кон битолската страна, кон селото Орле. Значи, од другата страна на планината. Таму цел ден работат неколку машини. Се прават пресеци, противпожарни пресеки коишто нема да му дозволат на огнот да помине. Но, истовремено таму имаме и доволен број пожарникари од Битола“,
додава Ангелов.
Според него, се работи за голем пожар на кој во текот на денот се интервенирало со полицискиот хеликоптер, се местел базен во непосредна близина, а се гаснело и со „ертрактори“.
Освен за пожарот во прилепско, Ангелов се осврна и на тој над Студеничани, односно над село Рамни Габер, за кој рече дека веќе навлегува кон Китка.
„Во овој момент не загрозува населени места. се гледа од Скопје, но теренот е екстремно стрмен и екстремно тежок. Терен каде што не можат да се движат возила, а ризикот да се движат луѓе е исклучително висок и невозможно е да се гаси бидејќи на некои места имаме и квалитетна шума“,
додава Ангелов.
На овој пожар е дејствувано со „ертракторите“ на Дирекцијата, но Ангелов се сомнева дека тоа ќе биде корисно.
За овој пожар информираа и од Центарот за управување со кризи (ЦУК) од каде што велат дека противпожарните екипи се на терен, ја следат состојбата и се координираат активностите, со цел навремено да се реагира и да се спречи понатамошното ширење на пожарот.
„Во моментов нема опасност за ниту едно населено место“,
велат од ЦУК.
