Според последниот извештај на ЦУК под контрола се пожарите во Општина Гевгелија кај селата Прдејци и Смоквица каде што горат сува трева, трње и напуштени ниви, во Општина Гостивар кај селата Ѓоновица и Симница каде што се опожарени ниска вегетација и грмушки, како и депонијата кај Делчево

До 18 часот денеска во земјава се регистрирани вкупно 22 пожари на отворен простор, од кои осум се активни, три се под контрола, а 11 се изгаснати, информираат од Центарот со управување со кризи (ЦУК).
Активни се пожарите во Општина Студеничани кај селата Моране, Вртекица и Рамни Габер каде што гори мешана шума. Во Општина Македонски Брод кај селата Драгов Дол и Локвица горат ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.
Од ЦУК велат дека активен е пожарот и во Општина Прилеп кај селото Чаниште. Тука, како што велат, има крак кон селата Крушевица и Лопатица, крак кон Црна Река и кон селото Орле во Општина Новаци каде што гори ниска вегетација.
Грмушки, стрниште, ниска вегетација и ѓубре горат кај селото Тајмиште и Горно Строгомиште во Општина Кичево, кај гостиварското село Тумчевиште, кај селото Стримница во Општина Желино и на депонијата Буково во Охрид.
Според последниот извештај на ЦУК, под контрола се пожарите во Општина Гевгелија кај селата Прдејци и Смоквица каде што горат сува трева, трње и напуштени ниви, во Општина Гостивар кај селата Ѓоновица и Симница каде што се опожарени ниска вегетација и грмушки, како и депонијата кај Делчево.
Од ЦУК велат дека изгаснати се пожари во повеќе општини каде гореле ниска вегетација, мешана шума, сува трева, трње и ѓубре.
